Советот за етика апелира на професионално, а не сензационалистичко известување за кризата со короната


Фото: Б. Грданоски

Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на корона вирусот, што дополнително би можело да влијае врз натамошно зголемување на загриженоста и вознемиреноста кај јавноста заснована на неточни информации и сензационализам.

Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (19 жалби или 70 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на корона вирусот. Прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32 отсто од пријавените случаи.

„На уредниците им укажуваме дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, а медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните со професионално информирање.

Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари.  Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање.

Новинарите мораат да внимаваат и на начините на кои ги објавуваат и преземаат агенциските вести и информациите од странски медиуми, особено кога се засноваат на официјално непотврдени информации коишто во одредени случаи се користат како извесен епилог од кризата. Во дел од случаите пријавени до СЕММ уште во самите наслови не се наведува изворот на информацијата, со што се добива впечаток дека се работи за очигледен факт“, пишува во соопштението на СЕММ.

Истовремено, СЕММ упатува остра осуда на говорот на омраза и дискриминација присутен на социјалните мрежи, а медиумите ги повикува да се дистанцираат од натамошно пренесување на таквиот говор или да учествуваат во неговото професионално разобличување.