Францускиот предлог пред Советот за безбедност, средба ќе имаат и Ковачевски и Мицкоски

Продолжуваат консултативните средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство


Советот за безбедност денеска на пладне ќе расправа за францускиот предлог, а подоцна во 15 часот лидерска средба ќе имаат и премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а за вечерва повторно се повикува на протест пред Владата.

Претседателот Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, предвидено е изјава да даде претседателот Стево Пендаровски, соопшти прес-служабата на шефот на државата.

-Во рамки на широката консултација која започна да се реализира веднаш по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во текот на утрешниот ден ќе ја одржи средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство, соопшти вчера Владата.

Мицкоски го поддржа и учествуваше на протестот пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“.

– Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство, рече Мицкоски.

Од опозицијата за вечерва повторно во 19 часот ги повикуваа граѓаните на мирен и достоинствен протест пред Владата „против понижувањата и ултиматумите се додека не се откажат од намерата за асимилација на својот народ“.