Советот за безбедност ќе расправа во сабота за вонредната состојба


Советот за безбедност ќе заседава в сабота, кога е последниот од 14 дена што ги одреди претседателот Стево Пендаровски со третата одлука за прогласување вонредна состојба.

Од кабинетот на Пендаровски потврдуваат за „360 степени“ дека претседателот ќе го свика Советот в сабота, независно од тоа дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.

Почнувајќи од 18 март, Пендаровски донесе три одлуки за утврдување вонредна состојба поради кризата со коронавирусот. Првите две одлуки беа во траење од максимални по 30 дена, а последната е со важност од 14 дена.

Ниту една одлука не е потврдена од парламентот, со образложение дека е распуштен поради изборите и дека затоа не може да заседава. Собранието најверојатно нема да го потврди ниту завршувањето на вонредната состојба.

По завршувањето на вонредната состојба, треба да продолжат изборните дејствија, така што гласањето би се реализирало во период од 22 дена.

Премиерот Оливер Спасовски вели дека во Владата сѐ уште се прават анализи дали да се побара од шефот на државата уште едно продолжување на вонредната состојба, главно со цел спроведување на економските мерки.