Советот на Општина Тетово одобри јавно-приватно партнерство за собирање и депонирање смет


 Советот на Општина Тетово на денешната 19-та седница изгласа одлука со која се одобрува јавно-приватно партнерство за собирање и депонирање смет. Општината претходно спровела тендер на кој е избрана фирма од Словенија да ја врши оваа услуга. На тендерот му претходеше и физибилити-студија за оправданоста на јавното приватно партнерство.

– За најповолен понудувач се избра компанијата Саубермахер Словенија, услуги за заштитна животна средина со седиште во Мурска Собота. Предмет на договорот за воспоставување  јавно приватно партнерство за собирање и депонирање комунален отпад на цела територија на Општина Тетово до депонија Русино кое се остварува како јавна набавка. Целите што треба да се постигнат со доделување на договорот за јавното приватно партнерство е интегриран систем за управување со отпад кој ќе биде ефикасен во однос на отстранување на целиот отпад, намалување на количините и да се отстранат опасностите по животната средина, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот.

На седницата мнозинството од Советот усвои заклучок со кој се одобрува на Општината да прави уште физибилити-студии за оправданост за формирање на повеќе јавни приватни партнерства, за изградба на административна зграда на општината, како и за изградба, реконструкција и управување со аквапарк во спортско-рекреативен центар во Тетово.

Опозицијата реагираше на потребата да се гради аквапарк.

– Изградбата на аквапарковите се покажаа како промашени инвестиции поради финансиска неразумност. Затоа се сомневаме дека зад овој чин се крие корупција и единствена цел на градоначалникот е да создаде финансиски извор за компанија блиска до Движење Беса, изјави Лиридон Диша од ДУИ.

– Во Тетово се направи базен по сите европски стандарди од страна на Владата на СДСМ, меѓутоа што вели една поговорка „Ние што сме направиле, тие не можат ни да варосаат“. Така ќе биде и случај со овој нов базен. Нешто што веќе има, да се прави друго, не е во ред, тоа е трошење на парите на граѓаните, изјави Глигорије Стојановски од СДСМ.

Советничката група на СДСМ побара Општината да одвои по три илјади денари за секое прваче во   Општина Тетово, по што беше одлучено да се направи координација за можноста за реализација на оваа идеја.