Советот на обвинители и СЈО повторно во расчекор


Постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради аферата „Рекет“, што ја почна Советот на јавни обвинители под водство на Коле Штерјов, треба да ја заврши Ацо Колевски. Тој вчера едногласно беше избран на чело на Советот – само еден ден откако беше отворена постапката за разрешување на Јанева.

Уште истата вечер во четвртокот Штерјов го испратил до Собранието извештајот дека се исполнети  условите за почнување постапка за разрешување на  специјалната обвинителка. Тоа вчера го потврди и Колевски откако беше избран на чело на Советот.

Колевски е член на Советот на обвинители од февруари 2018 година, кога беше избран од редот на јавните обвинители, на местото на сегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески. Иако е меѓу најновите членови на Советот на јавни обвинители, Колевски доби мандат од колегите да биде на чело на институцијата во наредните две години, без право на реизбор. Пред да стане член на Советот,  бил обвинител во  државното Јавно обвинителство, а претходно во Обвинителството за организиран криминал и во Основното јавно обвинителство – Скопје.

Колевски не беше во „екипата“ во Советот на обвинители што во почетоците од формирањето го опструираше СЈО. Сепак, неколку месеци пред да биде избран во Советот на обвинители, како обвинител, е потписник на барањето за заштита на законитоста што државното обвинителство на чело со Марко Зврлевски го достави до Врховниот суд, со цел  укинување на притворот за бизнисменот Сеад Кочан кој беше во бегство за случајот на СЈО „Труст“. Петчлениот кривичен совет на Врховниот суд, под водство на претседателот на судот Јово Вангеловски, со мнозинство гласови, донесе одлука со која беше овозможено ослободување на Кочан од притвор, по што тој се врати во земјава. За тој случај сега се води постапка во Судскиот совет за разрешување на Вангеловски и на другите двајца судии што гласаа „за“ барањето за заштита на законитоста во случајот на СЈО.

Колевски изјави вчера дека не се кае што побарал вонреден правен лек од Врховниот суд за да го ослободи Кочан од притвор. Тој рече дека од денешна гледна точка има повеќе аргументи што го оправдуваат овој потег.

„Сите случувања потоа го оправдуваат поднесувањето на барањето за заштита на законитоста. Со ова вонредно правно средство, доколку се употребуваше досега, ќе се вршеше контрола на работата на СЈО, кое ќе немаше толкава слобода и немаше да дојдеме во ваква ситуација јавен обвинител да се впушти во такви дејстивија. Кочан беше во бегство, но факт е дека сам се врати по поднесеното барање и беше присутен на судењето и пресудата е изречена во негово присуство“, рече Колевски.

Тој оцени дека случајот „Рекет“, во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка фрла дамка врз целата јавнообвинителска фела.

„Верувам дека колегите преземаат сѐ што е во нивна моќ и во нивна надлежност да го расветлат овој случај кој морам да признам дека фрла темна дамка врз целата јавнообвинителската функција“, изјави Колевски.

Под негово водство, Советот на обвинители во наредните денови ќе треба да ја донесе и конечната одлука за разрешување на Јанева, доколку претходно се обезбеди двотретинско и Бадентерово мнозинство за тоа во Собранието.  Ако Јанева не биде разрешена до 15 септември, тогаш функцијата ќе ѝ престане по сила на закон, затоа што во специјалниот закон за СЈО е предвиден четиригодишен мандат за првиот човек на оваа институција. Јанева беше избрана на чело на СЈО на 15 септември 2015 година, за време на претходниот собраниски состав. Проблемот е во тоа што и во двата случаи – разрешување или завршување на мандатот на досегашната специјална обвинителка, се доведува во прашање  функционирањето на целото СЈО, како институција која беше формирана за да ја расчисти аферата „Прислушување“ и случаите што произлегоа од неа, односно од снимките од прислушуваните разговори од кои дел објавуваше СДСМ додека беше во опозиција.

Според Законот за СЈО, мандатот на обвинителите во ова обвинителство, кои, практично, се избрани на предлог на Јанева, не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Тие, исто така, немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд.

Вакуумот што се појави во функционирањето на СЈО по одредувањето притвор за Јанева се наметна како проблем и во текот на вчерашното рочиште за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“. Одбраната побара одложување на главната расправа до целосно решавање на ситуацијата со Јанева. Но, судијата Огнен Ставрев ги отфрли барањата за изземање на Јанева и на обвинителот Бурим Рустеми, како застапник на обвинението на СЈО.

„Судот смета дека ова барање е неосновано, затоа што станува збор за специјален јавен обвинител, кој согласно закон има целосна автономија“, изјави Ставрев.

Адвокатот Дончо Наков рече дека обвинителот Рустеми е сослушан сведок за „Рекет“ и не може да ја застапува Јанева.

Рустеми одговори дека сѐ додека не е официјално прекинат мандатот на  Јанева тие имаат право да ги застапуваат предметите.

„Евентуална одлука на судот и секоја друга одлука, а вклучително и одлука за притвор не е релевантна сѐ додека нема одлука од Советот за јавни обвинители за престанок на мандатот на Јанева“, рече Рустеми.

Иако извештајот на Советот на обвинители за отворање постапка за разрешување на Јанева е испратен во парламентот, не е закажана сѐ уште седница на Комисијата за избори и именувања. Претседателот на оваа Комисија Илија Димовски ни изјави вчера дека сѐ уште не го видел извештајот на Советот на обвинители, кој бил доставен до кабинетот на спикерот Талат Џафери. Сепак, веднаш по одлуката на Советот на обвинители, Димовски почнал консултации со Џафери и со дел од координаторите на пратеничките групи. Постапката,  вели тој, е комплицирана,  и потребно е да се обезбеди согласност од политичките партии, па Комисијата да го донесе заклучокот. Практично, Комисијата треба да предложи разрешување на специјалниот јавен обвинител и потоа да се закаже седница на Собранието. Советот на обвинители е прва, но и последна адреса за заминување на специјалната обвинителка од функцијата.

И додека во Собранието се чека да продолжи постапката за разрешување на Јанева, работните групи на власта и на опозицијата и вчера го усогласуваа новиот закон за јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО. Од средбата излегоа со оптимизам дека до понеделник е можен компромис за повеќето отворени прашања. Ако партиите се договорат, законот за јавно обвинителство ќе биде ставен на пленарна седница наредната недела, заедно со измените на Законот за Совет на јавни обвинители. (А.М.М.)