Советот на јавни обвинители в четврток ќе ја донесе одлуката за Јанева


Фото: Б. Грданоски

Советот на јавни обвинители в четврток ќе ја донесе одлуката за тоа дали ќе ја почне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради нестручно и несовесно работење.

Седницата на Советот траеше речиси осум часа, а претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев изјави дека тој и останатите членови на Советот успеале единствено да ги разгледаат списите, огромен број материјали кои до нив биле доставени во однос на истрагата за случајот „Рекет“ за кој на Јанева и е одредена мерка притвор. Најави дека со работа ќе продолжат в четврток во 10 или 10.30 часот кога, како што рече, очекува да биде донесена одлука дали тие ќе ја почнат постапката за разрешување на Катица Јанева.

Штериев изјави дека денешната седница на Советот траела невообичаено долго поради тоа што првпат се соочуваат со една ваква ситуација во која на шеф на Јавно обвинителство му е определена мерка притвор. Не сакаше да открие дали по однос на ова прашање има спротивставени мислења и ставови меѓу членовите на Советот на јавни обвибнители.

– Ние денеска, до овој момент дојдовме до состојба во која ги разгледаваме, проучивме, анализиравме сите списи и оценивме дека за денеска тоа е доволно. В четврток во 10 часот продолжуваме со седницата и ќе одлучи Советот, ќе донесе соодветна одлука и истиот ден ќе бидете известени. Таа одлука треба да биде добро изготвена затоа што ќе оди на Собрание и од тие причини не можеме сега во вакви услови, по цел ден работа, да се впуштиме и да носиме одлука одеднаш, рече Штериев. Додаде дека одлучиле оти е подобро в четврток да продолжат со работа.

Прашан за тоа дали останува на ставот за можноста за вршител на должност, Штериев рече дека тоа не е негов став и ото така е во законот.