Советот на јавни обвинители треба да донесе одлука за Јанева


Фото: Б. Грданоски
Советот на јавни обвинители денеска ќе ја донесе одлуката за тоа дали ќе ја почне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради нестручно и несовесно работење. Јанева во моментов е во притвор за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев по седницата, која завчера траеше речиси осум часа, изјави дека тој и останатите членови на Советот успеале единствено да ги разгледаат списите, огромен број материјали кои до нив биле доставени во однос на истрагата за случајот „Рекет“. Најави дека со работа ќе продолжат денеска претпладне, и очекува да биде донесена одлука дали ќе ја почнат постапката за разрешување на Јанева.

Советот на јавни обвинители, како што рече Штериев, првпат се соочува со една ваква ситуација во која на шеф на Јавно обвинителство му е определена мерка притвор. Не сакаше да открие дали по однос на ова прашање има спротивставени ставови и мислења меѓу членовите на Советот.

Претседателот Стево Пендаровски вчера од Македонска Каменица, одговарајќи на новинарско прашање за неговата позиција во однос на „Рекет“, изјави дека нема политичко мешање во истрагата за овој случај.

– Моја работа како претседател не е да ја коментирам секоја фаза од случајот „Рекет“, се додека законската процедура со постапката за овој случај не покаже некои видливи моменти за кои потоа ќе можеме да дадеме оценка како политичари, рече Пендаровски.

Пендаровски потсети дека пред две недели на прес-конференција повика да се забрза постапката од истражните органи.

– Следејќи ги барањата на граѓаните и знаејќи дека се соочуваме со голема афера, која ја става на тест целокупната правна држава, апелирав тоа да биде побрзо и поефикасно, а понатаму знаете дека не е моја надлежност. Видовме неколку битни активности во таа процесна смисла и понатаму се останува на надлежните органи, изјави Пендаровски. Повтори  дека тој и сите политичари сакаат да видат брза истрага во која нема да се чувствуваат странични влијанија ниту, како што истакна, евентуално влијание од политичарите.

Премиерот Зоран Заев, вчера прашан дали е повикан како сведок во случајот „Рекет“, одговори дека покана се уште не добил.

– Немам добиено покана, секако стојам на располагање за кој било термин. Јас сум тука во државата, рече премиерот Заев, кој вчера беше во посета на рудникот „Бучим“, на прославата по повод 40 години од неговото постоење и 15 години откако компанијата „Солвеј“ управува со него.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев, во предметот „Империја“, да излезе од притвор и да добие времен пасош.

Обвинителката Вилма Рускоска завчера по состанокот во Советот на јавни обвинители каде беше неколку часа и одговараше на прашањата на членовите за постапката на разрешување на Јанева, изјави дека Обвинителството знае каде се дел од парите од „Рекет“. Посочи дека се уште се работи на финансиската истрага и оти за дел од парите знат каде се, а за дел работат на тоа.