Советот на јавни обвинители го отфрли барањето за декласификација на извештајот за Јанева
Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија го отфрли барањето за декласификација на извештајот за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесен до Собранието.
– На одржаната седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на ден 04.09.2019 година, Советот донесе заклучок дека барањето за декласификација на извештајот за утврдена фактичка состојба број 03-133/6 од 29.08.2019 година поднесено до Собранието на Република Северна Македонија не може да се прифати со оглед дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против Специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка, се вели во соопштението на Советот на јавни обвинители.
Извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Собранието ќе се разгледува утре, за кога е закажана седницата на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.
Претседателот на Комисијата Илија Димовски вчера најави дека ќе испрати барање до претседателот до Советот на јавни обвинител Ацо Колевски, да го декласифицира документот.
Димовски смета дека за тоа дали седницата ќе биде јавна или затворена, треба да одлучи Комисијата со двотретинско мнозинство, а не тоа да биде одлука на Советот на јавни обвинители.
Негов личен став е дека Комисијата за прашањата за избори и именувања треба да биде отворена за јавноста заради, како што рече, поголема доверба на граѓаните во Собранието и правосудниот систем.