Советот на Скопје го одби барањето на Арсовска за кредит од 10 мил. евра за нови автобуси


Фото: Б. Грданоски

 

Со 15 гласа „за“, еден против и 18 „воздражни“, советниците на Град Скопје, на денешната седница, не го поддржа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за задолжување со кредит кај домашна банка за набавка на нови еколошки автобуси за градскиот сообраќај. 

Советниците од СДСМ кои се во опозиција беа воздржани, а појаснија дека не можат позитивно да гласаат за овој предлог, затоа што не гледаат економска оправданост на кредитот. Бараа информации на колку време ќе се исплаќа и како ќе бидат потрошени парите. „Од каде ќе се набавуваат автобусите, дали од фирмата која ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски“, прашаа од СДСМ.

„На денешната седница на Советот е предложена точка до советниците за набавка на нови еколошки автобуси, поради тоа упатувам апел до советниците од ВМРО-ДПМНЕ за реализација на програмата за ‘Модерно Скопје‚ која ја поддржаа на локалните избори и ги повикувам да не се обидуваат да ја повлечат од седницата“, рече  Арсовска зборувајќи за предлогот.

Според неа, ова емногу потребно со цел да се подобри јавниот превоз во градот бидејќи  Град Скопје распиша два јавни повици за приватни превозници на кои не се пријави никој, по што мораше ЈСП „Скопје“ да продолжи да ги опслужува некои линии.

Речиси сите советници се согласија дека ЈСП има потреба од нови автобуси и дека возниот парк треба постојано да се обновува, а го поздравија и еколошкиот елемент, но укажаа на фактот дека градскиот сообраќај на Скопје се одвива според стари податоци. Затоа, советничката Драгана Велковска смета дека прво треба да се направи студија која ќе покаже каде има потреба од воведување нови линии или редуцирање на одредени, каде поминуваат премногу автобуси, а нема доволно патници. 

Горјан Јовановски рече дека оваа одлука треба да ја донесат како заклучок, за кој повторно би се гласало кога ќе ги имаат понудите од банките. Потоа, кога Комисијата ќе избере најповолен понудувач, Советот повторно да гласа, дали се сложува со изборот.