Советот на ЕУ можеби ќе расправа за новата методологија на 25 февруари, а дефинитивно во март


БРИСЕЛ – Советот за општи работи при Советот на Европската унија, составен од министри за европски прашања на земјите членки на ЕУ, можеби ќе расправа на 25 февруари за предлогот на Европската комисија за новата методологија за проширување, изјави портпаролката на Европскиот совет, Лиис Јансалу, за порталот „Јуропиан Вестерн Балкан“.

Во секој случај, се очекува дека Советот за општи работи и Европскиот совет ќе дискутираат за проширувањето на состаноците во март, потврдија од Европскиот совет за порталот.

Европската комисија на 5 февруари го претстави нејзиниот предлог на обновената методологија за проширување, која ќе треба да биде одобрена од страна на државите членки на ЕУ за да се примени на земјите-кандидати за членство во Унијата.

Новата методологија ќе може да се применува за Црна Гора и за Србија доколку тие дадат согласност за такво нешто.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, чие одбивање да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија во октомври 2019 година ја поттикна реформата на пристапниот процес, изјави неодамна дека тој процес мора да биде јасен и реверзибилен и дека ЕУ треба да може да „го напушти процесот ако не функционира”.

„Кога ќе разговараме во март, ќе видиме што вели Европската комисија, каков напредок имаат постигнато земјите и ако има доверба дека ќе функционира, би можеле да ги започнеме преговорите“, рече Макрон на Минхенската конференција за безбедност.

Предлогот на Комисијата вклучува можност за прекин на преговорите во одредени области или во целина доколку резултатите не се задоволителни, групирање на поглавјата за преговори во шест области, што би се отворале како целина, поголема вклученост на земјите членки на ЕУ и става поголем акцент врз фундаменталните реформи – владеење на правото, демократските институции и функционалната економија.