Советот на Центар повторно не се изјасни како ќе се уредува Треска


Советниците од Општина Центар повторно не се изјаснија за иницијативата просторот каде што се наоѓа некогашната фабрика „Треска“ да се уредува преку архитектонско-урбанистички конкурс. Точката повторно се одложи, откако по вторпат беше ставена на дневен ред пред Советот на општината.

Претседателката на Советот, Јана Белчева вели дека таа нема да отстапи од иницијативата и дека точката повторно ќе се најде пред советниците, веројатно идната недела.

„Нови невладини организации се приклучуваат на иницијативата што само покажува дека граѓаните сакаат тој простор да се решава на поинаков начин. Во моментов ни треба нова синергија на потребите на граѓаните и стручната јавност која сака да помогне и да ги исправи грешките од минатото, затоа што последиците ги живееме сите“, вели Белчева.