Советот на амбасадори бара од МНР остро да реагира по заканите за в.д. амбасадорката во Австралија

Советот на амбасадори изразува згрозување и најостра осуда за инцидентот во македонската амбасада во Канбера, Австралија, кога член на семејство на вработен ѝ упатил закани по живот на в.д. амбасадорката. Советот го повикува Министерството за надворешни работи да излезе со најостра реакција за настанот и да преземе соодветни дејствија за казнување на сторителот на насилството, не само за заштита на жените, туку и на сите вработени во дипломатските претставништва, како и на достоинствотото на дипломатската професија и државата.

Амбасадорите укажуваат на потребата правилно да се селектира квалитетен и професионален дипломатски кадар, кој поседува капацитет, свесност и одговорност да ја претставува државата на достоинствен начин во светот. Тие го сметаат насилството врз жените за најфлагрантно кршење на човековите права и ги поддржуваат активностите преземени во нашата земја во текот на 16 дена активизам во рамки на  кампањата против родовото насилство на UN Women.