Советник од Москва ја критикуваше војната, доби седум години затвор

Алексеј Горинов доби сурова казна според новиот закон донесе по руската инавзија


 

Судот во Москва осуди опозициски советник на седум години затвор за критикување на воените дејствија на Русија во Украина, што е прва долгорочна затворска казна изречена според новите закони кои ја ограничуваат критиката на војната.

Алексеј Горинов, советник во московскиот окружен совет Красноселски и обучен адвокат, беше уапсен во април под обвинение за ширење „свесно лажни информации“ за руската армија.

Според властите, Горинов го извршил прекршокот кога тој и неговата колешка од опозицијата, Елена Котеночкина, се изјасниле против предлогот на советот да се одржи натпревар за детски цртеж и фестивал на танцување и покрај војната во Украина, каде Горинов рече дека „децата умираат“. .

„Верувам дека сите напори на [руското] граѓанско општество треба да бидат насочени само кон запирање на војната и повлекување на руските војници од територијата на Украина“, рече Горинов за време на работната средба, која беше снимена на видео и достапна на YouTube.

Обвиненијата против Горинов спаѓаат во низа нови закони кои се воведени од почетокот на руската инвазија.

Долгата казна на Горинов ќе биде сфатена како сурова дури и во актуелната политичка клима во Русија, каде што властите започнаа невидена акција против граѓанското општество и опозицијата од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.

Групите за човекови права се загрижени дека случајот на Горинов ќе биде прв во низата пресуди против антивоени личности кои чекаат судење.

Најмалку 50 луѓе се соочуваат со долготрајни затворски казни или високи парични казни за „свесно ширење лажни информации“ за војската, додека околу 2.000 луѓе добиле помали казни за критикување на војната, според група за човекови права која ги следи случаите на национално ниво.

Во текот на сослушувањата, Горинов продолжи со своето цврсто противење на руската инвазија на Украина. За време на неговата пресуда во петокот, тој држеше лист на кој пишуваше „Дали сè уште ви треба оваа војна?“ додека беше во неговиот стаклен кафез како обвинет.

Во завршната изјава во четвртокот, Горинов рече дека е невин, укажувајќи на неговите права на слободно изразување според рускиот устав, истовремено повторувајќи ја својата критика за „гнасната“ војна во Украина.

„Војната, кој и синоним да користите, е последната, највалкана, гнасна работа, недостојна за титулата човек“, рече Горинов. „Мислев дека Русија ја исцрпи границата на војните уште во 20 век. Сепак, нашата сегашност се Буча, Ирпин и Хостомел. Дали овие имиња ви значат нешто? Вие, обвинувачите, заинтересирајте се и не кажувајте подоцна дека не сте знаеле ништо“, додаде тој, мислејќи на трите града надвор од Киев, каде што руските војници се обвинети за воени злосторства.

Меѓу оние кои чекаат судење за ширење „лажни информации“ за руската војска се и истакнатиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза и уметничката од Санкт Петербург Александра Скочиленко, која е обвинета дека ги заменила етикетите на супермаркетите со пораки во знак на протест против воената кампања на Москва во Украина. (Гардијан)