Советник на Виктор Јанукович убиен во Мадрид, избоден со нож додека ги носел децата на училиште

Поранешниот украински политичар Андриј Портнов, некогаш близок соработник на прорускиот поранешен претседател Виктор Јанукович, е застрелан пред училиште во близина на шпанската престолнина Мадрид, потврди извор од шпанската национална полиција за Си-Ен-Ен.
Портнов (51), адвокат и поранешен парламентарец, беше заменик-шеф на претседателската администрација за време на владеењето на Јанукович, кој беше соборен за време на продемократските протести во Украина во 2014 година.
„Скај њуз“ објави дека Портнов ги оставал своите деца во Американското училиште во Мадрид кога бил убиен. Во него пукале повеќе напаѓачи, бил застрелан во грбот и главата, а потоа осомничените избегале кон блиската шума. Пукањето се случило пред училиште во богато предградие западно од градот.
Училиштето веднаш по инцидентот испратило итни известувања до родителите, наведувајќи дека сите ученици се безбедни. Извор близок до училиштето изјави за Си-Ен-Ен дека се верува дека Портнов е татко на еден ученик. Полицијата го опколи просторот пред елитното училиште во кое учат нешто повеќе од илјада ученици од САД, Шпанија и десетици други земји.
Од 2021 година, Портнов е под санкции на САД за корупција и мито според таканаречениот Закон Магнитски. Според Министерството за финансии на САД, „тој е веродостојно обвинет дека го користи своето влијание за да купи пристап до правдата и судските одлуки во Украина и за поткопување на реформите“.
Законот Магнитски, кој беше донесен во САД во 2012 година, забранува влез во земјата и ги замрзнува средствата на функционерите и бизнисмените од Русија и проруските кругови кои се обвинети за кршење на човековите права. Украинската безбедносна служба претходно го истражуваше Портнов за неговата можна улога во руската анексија на Крим, но случајот подоцна беше затворен.
Портнов ја напуштил Украина неколку месеци по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, и покрај забраната за патување за мажи на воена возраст, покажа истрагата на Радио Слободна Европа/Радио Либерти. Во 2014 година, Канада ги замрзна неговите средства како дел од мерките против „корумпирани странски службеници“, осврнувајќи се на неговата тогашна советодавна функција на Јанукович.
Во 2010 година, Портнов беше назначен за заменик-шеф на претседателската администрација и началник на Главната администрација за судска реформа и судски систем. Во исто време, тој беше член на одборот на Народната банка на Украина.
Today @USTreasury OFAC designated Andriy Portnov pursuant to EO 13818 for using his influence to buy access and decisions in Ukraine’s courts and undermining reform efforts. More information here: https://t.co/d321AI7yCq pic.twitter.com/RvTMYHSPbS
— U.S. Embassy Kyiv (@USEmbassyKyiv) December 9, 2021
Јанукович беше соборен од власт во 2014 година по масовните проевропски протести, познати како Мајдан, кога одби да потпише договор со Европската Унија и се сврте кон Русија. Кратко потоа, Јанукович избега во Русија, заедно со Портнов и неколку други високи функционери. Портнов се врати во Украина во 2019 година. Украина никогаш не воведе санкции против Портнов.
Тој не е единствениот соработник на Јанукович кој е убиен.
Во декември 2024 година, медиумските организации и здруженијата на граѓанското општество во Украина покренаа петиција со која се бара санкции против Портнов, обвинувајќи го дека продолжува да се обидува да влијае врз судството и да ги заплашува новинарите. Во еден случај, тој објави лични податоци на неколку новинари од истражувачкиот проект на Радио Слободна Европа, кои пишуваа за неговите врски со владата. Петицијата собра 25.000 потписи, но украинската влада ја отфрли со образложение дека нема доволно правна основа за санкции.
Портнов не е единствениот соработник на Јанукович кој беше убиен по неговото заминување од власт. Во 2015 година, Си-Ен-Ен извести за две смртоносни пукотници во Киев – едната жртва беше поранешен пратеник поврзан со Јанукович, а другата проруски новинар.
Потоа, повторно се појавија шпекулации за можно постоење на план за елиминирање на блиските соработници на Јанукович, особено откако тројца поранешни пратеници од неговата партија беа пронајдени мртви во своите домови – се сомневаше дека се работи за самоубиства.
Шпанија неодамна беше жртва на неколку целни напади поврзани со војната во Украина, а земјата е дом на значителен број емигранти од Украина и Русија. Во 2022 година, се случи експлозија во украинската амбасада во Мадрид, при што еден вработен беше повреден додека ракуваше со писмо адресирано до украинскиот амбасадор.
Потоа следеа уште неколку писма-бомби, вклучувајќи една испратена до шпанскиот премиер. На крајот беше уапсен еден шпански државјанин, а судот пресуди дека нападите имале за цел нарушување на јавниот ред и мир и вршење притисок врз Шпанија да ја намали својата поддршка за Украина.
Шпанија обезбедува хуманитарна и воена помош на Украина од почетокот на инвазијата. Во 2024 година, руски пилот кој спектакуларно пребегна во Украина прелетувајќи преку границата со хеликоптер, беше пронајден мртов во Аликанте, застрелан во гаражата на станбена зграда.