Советник на Мицкоски предложен за уставен судија


Професорот на Правниот факултет, Гоце Наумовски, кој беше дел од списокот на советници на премиерот Христијан Мицкоски, е предложен за нов уставен судија на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница го предложи Наумовски за нов судија и без дискусија и забелешки беше изгласан со мнозинство гласови.

Професорот Наумовски се најде на списокот на советници на Владата кој беше објавен во јануари минатата година, а како што пишуваше тој го советувал премиерот за прашања од областа на правото.

Дабовиќ-Анастасовска во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд. Оставката, како што информираат од Уставниот суд, е поднесена поради здравствени и лични причини.