Советници на Трамп предлагаат испраќање до 120.000 американски војници на Блискиот исток


На состанок на главните советници за безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, кој бил одржан минатиот четврток, вршителот на должност министер за одбрана Патрик Шенахан претставил воен план кој предвидува испраќање до 120.000 американски војници на Блискиот исток доколку Иран ги нападне силите на САД или ја забрза работата на создавање нуклеарно оружје.

Ова синоќа го објави „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на неименувани функционери во администрацијата на Трамп.

Се наведува дека ревизијата на планот ја наредиле припадниците на тврдата линија во претседателската администрација, на чело со Џон Болтон, советникот на Трамп за национална безбедност.

– Тие не повикуваат на копнена инвазија на Иран, за која би било потребно значително повеќе војници, рекле функционерите за американскиот весник.

Во текстот се наведува дека ваквиот развој на настаните укажува на тоа колкаво е влијанието на Болтон, кого „Њујорк Тајмс“ го нарекува еден од најопасните „јастреби“ кога е во прашање Иран, чии аспирации за влез во судир со Техеран некогашниот американски претседател Џорџ Буш помладиот ги игнорираше пред повеќе од една деценија, додека беше во Белата куќа.

Весникот наведува дека воопшти не може да се претпостави дали Трамп, кој настојуваше да ги повлече САД од Авганистан и Сирија, на крајот навистина ќе испрати толку припадници на американските трупи на Блискиот исток.

Исто така се наведува дека не е јасно дали Трамп е брифиран за предложениот број војници или за други детали од планот.

Претходно Трамп во Овалниот кабинет предупреди дека доколку властите во Техеран се обидат да направат нешто што наликува на напад, „многу ќе патат“.

Во брифинг со новинари, на прашање за инцидентот во кој учествуваа саудиски танкери кај брегот на ОАЕ и сомнежите дека се работи за саботажа, Трамп рече дека Иран ќе има големи проблеми ако нешто се случи.

Официјални претставници на заливските држави инцидентот кај брегот на Обединетите Арапски Емирати го опишаа како обид за саботажа.

Детали за инцидентот се уште нема.

Извор од разузнавачките кругови на САД за некои американски медиуми изјавил дека Иран е  главен кандидат за предизвикување инциденти, затоа што одговара на нивниот „модус операнди“.

Министерот за енергетика на Саудиска Арабија Халид ел Фалих вчера изјави дека два саудиски нафтени танкери во неделата претрпеле „саботажен напад“ на брегот а Фуџејра, која и припаѓа на ОАЕ, со што е доведена во прашање безбедноста на снабдувањето на светот со нафта.

Саудиското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападите кај брегот на ОАЕ се „опасни закани за безбедноста на пловидбата и меѓународната безбедност“.

Еден од двата танкери бил на пат да товари саудиска сирова нафта во пристаништето Рас Танура, за после да ја испорача до купувачите на државната нафтена компанија „Сауди Арамко“ во САД, рече Фалих.

Во нападот немало повредени, ниту истекување на нафта, но предизвикано е значително оштетување на структурата на двата танкери.

Министерството за надворешни работи на ОАЕ соопшти дека четири бродови биле цел на „саботажа“ во близина на територијалните води ан ОАЕ и оти немало жртви.