Советите на Ружин и Андоновски ќe нѐ чинат 18.000 евра

Фото: Б. Грданоски

Ангажманите на Александар Ружин и на Венко Андоновски како надворешни соработници на премиерот им завршуваат на 31 декември годинава, велат од Владата по откривањето на веста дека синот на ексамбасадорот во НАТО и писателот кој беше добар и со поранешната влада на Никола Груевски, влегле во тимот на Зоран Заев. Од „Илинденска“ посочуваат дека нивниот ангажман е лична одлука на премиерот. Месечниот надомест за Ружин е 50.000 денари (ангажиран на 28 јануари), а за Андоновски 40.000 денари (ангажиран на 8 јануари), што значи дека за една година колку што трае нивниот ангажман, од буџетот ќе им бидат исплатени околу 18.000 евра.

„Категоријата надворешен соработник не предвидува објавување на оглас, бидејќи не станува збор за вработување, туку ангажман со времен рок“, потенцираат од владата во дописот до „Независен“.

Во описот на Ружин како надворешен соработник за економски прашања се наведува професионална соработка и комуникација со бизнис и деловни контакти од државите на Бенелукс и Франција.

„Неговата работа се состои во активности за анализа на пазарите на овие држави како и работни состаноци со цел да привлекување инвеститори во нашата држава, но и промоција на македонските компании и производи во ЕУ. Во функција на овие работни задачи во рамки на неговиот ангажман, Александар има организирано посети на поголем број бизнис делегации од земјите на Бенелукс во Северна Македонија, во доменот на енергетиката, заштитата на човековата околина, градежништвото, индустријата и трговијата“, потенцираат од Владата.

Андоновски, пак, треба да осмисли структура и функција, изготвување и испитување конкретни можности на терен за отворање Македонски центар за култура во Србија. Бројот на надворешни соработници на Зоран Заев порасна на 39 лица. Заедно со редовните сега има вкупно 63 советници, пишува Истражувачката репортерска лабораторија на Македонија (ИРЛ), која го обелодени случајот.

Триесет и шестгодишниот Александар Ружин е член на Либералдемократската партија (ЛДП), исто како и неговиот татко Нано Ружин, кој порано ја вршеше функцијата амбасадор во НАТО. Поседува приватна фирма за продажба на автомобилски гуми и бандажи. Беше активен во протестите против владата на Груевски, а јавноста го запозна како момче на хрватската пејачка Антонија Шола.

„Во функција на работните задачи во рамки на мојот ангажман организирав посети на поголем број бизнис делегации од земјите на Бенелукс. Очекувам овие контакти и соработки да резултираат со конкретни инвестиции во земјата. За сите овие обврски одговарам и известувам пред претседателот на владата“, појаснува Ружин за „Фокус“.

Изминатите години, писателот Андоновски беше критикуван дека му дава суптилна поддршка на Груевски со неговото премолчување на големи афери, а и јавно ѝ се заблагодаруваше на министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска за „големиот придонес“ во културата. Автор е на трите дела од биографијата за бизнисменот Ванчо Чифлиганец, а на промоција на последниот присуствуваше и Заев. Внуката на премиерот е во врска со синот на Чифлиганец. (Г.А.)