Совет за човекови права: Косовските избори – демократски и пример за регионот


Косовскиот Совет за заштита на човекови права и слободи (КМДЛЊ) оцени денеска дека вчерашните вонредни парламентарни избори во земјата беа добро организирани, мошне добро мониторирани и „ покрај краткото време за нивно организирање можат да се сметаат за најдобри избори до сега“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение доставено до медиумите, КМДЛЊ како посебна придобивка од овие избори го нагласува фактот дека непобедничките партии не ги оспорија изборните резултати, „што создава полесна ситуација за формирање на новите институции“.

Советот како позитивен напредок го оцени вчерашното големо учество на граѓаните на изборите, споредено со излезноста на последните парламентарни избори, во јуни 2017 година.

КМДЛЊ очекува и повикува на што побрзо формирање на новите институции, за да не се дозволи одолговлекување на институционалниот вакуум.

Од новите институции на Република Косово се очекува да посветат посебно внимание на човековите права, без да се прави разлика по однос на етничка и родова припадност, возраст, политички убедувања и оштествен статус. Во тој контекст, се бара зголемена ангажираност за поддршка на маргинализираните групи.

– Очекуваме да се намали реториката која може да предизвика тензии, поради фактот дека изборите завршија и непотребните  тензии на ситуацијата ќе влијаат врз функционализацијата на новите институции, ефикасноста во работата и демократските процеси, се вели во соопштението на КМДЛЊ.

Организацијата за човекови права им ја честита изборната победа на досегашните опозиционери, партиите Движење Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, додека од партиите кои останаа во опозиција, а тоа се оние кои досега беа на власт, очекува „да играат конструктивна улога во интерес на граѓаните и државата“.