Совет на амбасадори: Загрижени сме од најавите на Вархеи за можно одвојување на Албанија и Македонија во преговорите


 Здруженито за надворешна и меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ денеска  преку соопштение информира дека со посебна загриженост и вчудовиденост ја примиле најавата на комесарот за проширување Оливер Вархеи за време на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан дека е можно Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во нивниот пат до полно членство во Европската Унија ако Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик во решавањето на спорот околу идентитетските прашања.

– Советот на Амбасадори не верува дека изнесениот условен став на комесарот Вархеји може да биде и став на Унијата. По оваа проблематика пред две години негативно се изјаснија некои земји членки на Унијата и не веруваме дека постојат сериозни причини ЕУ да го промени ставот, се посочува во соопштението.

Советот на Амбасадори, се додава, е на ставот дека прогресот кон полноправното членство во Унијата на земја кандидат не смее да биде во заложништво на ветото на една земја членка кога се однесува до билатералните нерешени прашања.

Од Советот на амбасадори сметаат дека реализирањето на таквата можна опција ќе даде негативни импликации за земјата и за регионот, ќе го зголеми степенот на евроскептицизмот и песимизмот кај граѓаните и непотребно ќе го оддолжи патот на Република Северна Македонија кон полноправното членство во Унијата.

Совет на Амбасадори, воедно, го повикува комесарот за проширување Оливер Вархеи и неговата матична земја како и лидерите на другите земји членки на Унијата да вложуваат максимални напори оваа година конечно да се оддржи меѓувладината конференција и земјата да зачекори кон побрзото интегирање во ЕУ.