Соучесниците во нападот врз „Шарли Ебдо“ осудени на 30 години затвор

Специјалниот суд на Париз го осуди Али Риза Полат на 30 години затвор за „соучесништво“ во терористичките злосторства извршени од браќата Саид и Шериф Куачи и Амеди Кулибали за време на терористичките напади во јануари 2015 година против „Шарли Ебдо“ и супермаркетот Хипер Кашер, јави дописникот на МИА.

Петтемина судии  не ги послушаа барањата на националното обвинителство за борба против тероризмот, кое бараше доживотен затвор против присутните обвинети.

Хајат Бумедиен, невенчана сопруга на Амеди Кулибали која е  во бегство, е осудена во нејзино отстуство на 30 години затвор. Оваа казна е во согласност со барањата на националното обвинителство за борба против тероризмот, кое ја потенцираше „важната улога“ во подготвувањето на нападите на младата жена, која замина во Сирија неколку дена пред нападите.