СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани победи на државниот натпревар по роботика и ќе учествува на Светското првенство во Мароко


Тимот ученици од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани победи на државниот натпревар по роботика од First Lego лигата, што се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и ќе биде македонски претставник на Светското првенство во роботика што од 18 – 21 мај ќе се одржи во Мароко.

Тимот „The Makbot Pioneers“ беше севкупен победник во конкуренција на осум екипи ученици од Скопје и Тетово. Натпреварот се состоеше од четири категории, односно тимовите имаа задача да ги покажат своите вештини и знаења во игра со роботи, подготовка на иновативен проект, дизајн на робот и основни вредности.

Учесниците на натпреварот работеа на исполнување на целите за одржлив развој на ОН, со фокус кон обезбедување прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Главна цел на натпреварувањето, на кое учествуваат деца на возраст од 9 до 16 години, е стекнување вештини и способности неопходни за живот во 21. век, со искористување на креативноста и критичкото размислување.

Државниот натпревар по роботика годинава беше во организација на Академијата за роботика и иновации, а коорганизатор беше Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. На Светското првенство во Мароко учесниците ќе се натпреваруваат на тема Super powered.