Сотирова-Бухова: Во моментов има околу 25 активни кластери со корона вирусот


„Здравствените работници во моментов се можеби исправени пред најголемиот предизвик на столетието. Меѓутоа, последните податоци со кои располагаме кажуваат дека здравствените работници апсолутно веќе ги почитуваат протоколите и алгоритмите за лична самозаштита. Во овој момент, од досега извршени 1.558 вонредни инспекциски надзори во јавните и приватните здравствени установи имаме 27 позитивни здравствени работници кои со решение на ДСЗИ се ставени во домашна самоизолација. Од вкупен број од околу 25.000 здравствени работници, позитивни се 27 здравствени работници.

Во однос на мешаните полициски контингенти кои ја обезбедуваат нашата јужна граница, по добиениот податок дека еден од припадниците на овие контингенти по враќањето во матичната држава е позитивен на корона вирус, започнат е скрининг на мешаните патроли, досега се земени 21 брис, а планирани се уште 70 бриса, а досега нема ниту еден позитивен примерок”, истакна Сотирова-Бухова.

Во однос на ескалацијата со бројот на новозаболени работнички во повеќе конфекции во Штип, Сотирова Бухова со коментар:

„Со вчерашниот пресек на ситуацијата со вработените во конфекциите во Штип до овој момент издадени се 56 решенија за вработени кои се позитивни на Ковид-19 и 192 решенија по основ на контакт. Секако дека тука има влијание и превозот на работничките. Во Тетово има конфекција која засега има една позитивна работничка која била сменоводител на 40 вработени. Епидемиолошката анкета за овој случај е во тек”, изјави Сотирова-Бухова.

Запрашана за одговор колку активни кластери има во државава во овој момент, Сотирова-Бухова со одговор:

„Иако ова е жива материја која постојано се менува, општо, во целата држава во моментов има околу 20-25 кластери, односно фамилии кои со епидемиолошка анкета се поврзани помеѓу себе, а бројката на позитивни во рамките на овие кластери изнесува од 2 до 9 заразени”, додаде Сотирова-Бухова.