Сотирова Бухова потврди дека на ГАК и во „Ремедика“ се испочитувани протоколите со „лажната лекарка“


Државниот санитарен и здравствен инспектора (ДСЗИ) ги заврши вонредните инспекциски надзори на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Приватната општа болница „Ремедика“. Се чекаат се уште како дополнување изјавите на докторите сестрите и целокупниот персонал на Клиниката, кој бил на работа на 6 јуни кога во 23:30 часот е примена пациентката која дошла да се породи, но не дала податок дека имала контакт со лице од нејзината фамилија кое било позитивно на Ковид-19 и ја напуштила таа јавна здравствена установа и отишла во „Ремедика“.

Ова денеска го истакна директорката на ДСЗИ, Иринка Бухова Сотирова, која рече дека хоспитализацијата на пациентката во „Ремедика“ е на 8 јуни кога раѓањето веќе е почнато. На прием, посочи Бухова Сотирова, има дадено податок дека имала контакт со лице кое имало респираторни потешкотии, не дека има податок за контакт со позитивно лице.

Во врска со одговорноста на медицинско лице, ако пациентката е медицинско лице, во однос на давање некомплетни или целосно лажни податоци, посочи таа, ДСЗИ нема да застане и ќе соработува со институции што имаат ингеренции да постапуваат по ова прашање.

– И во двете установи е испочитуван  алгоритамот и протоколот до последна ситница и нема загрозување ниту на пациенти, ниту на вработени и во едната и во другата институција. Со решение дадено за самоизолација по извршена епидемиолошка анкета во приватната болница во домашна изолација е екипата од четворица медицински лица вработени кои учествувале при интервенцијата кај пациентката. Протоколот на Клиниката за гинекологија е апсолутно испочитуван, сите по алгоритам се обезбедени, го почитувале и носеле лична заштитна опрема. Таму нема персонал кој би требало да биде во самоизолација, рече д-р Сотирова Бухова, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на Инспекцискиот совет.

Дали пациентката работела или дали е дипломиран доктор, појасни, не е во ингеренција на ДСЗИ.

– Во однос на ингеренциите на ДСЗИ и на докторите кои работеле во двете институции апсолутно не е битно дали пациентката е медицинско лице или не. Таа е примена, хоспитализирана и во двете институции и е пружено по медицина базирана на докази се што и било потребно. По пораѓањето во ПЗУ, каде тоа се извршило, пациентката, бидејќи било констатирано дека е позитивна на Ковид-19, е изолирана во посебна соба, истакна д-р Сотирова Бухова.

На прашање дали ДСЗИ ја има информирано полицијата за случајот, рече дека не е завршен целокупниот надзор во однос на собирање изјави од персоналот, кој бил на работа на 6 јуни.Медиумите сепак открија дека исчезнала  изјавата од медицинското досие на родилката-докторка во која потпишала дека нема заболен член на семејството.

Случајот е пријавен во МВР и во моментот на Клиниката за гинекологија треба да пристигнат инспектори за да се истражи кој ја украл изјавата од просторијата каде што стоело медицинското досие. Но, и без неа може да се искористат снимките од надзорната камера каде што се гледа како го потпишува документот.

Родилката која на ГАК се преставила како лекарка, дипломирала медицина, но нема лиценца и државен испит.