Состојбата со сипаниците кај овците е алармантна, одгледувачите бараат итна вакцинација и повисоко обесштетување
Алармантна е состојбата со сипаниците кај малите преживари. Досега се угинати 7.000 до 10.000 овци, уништени се 40 – 50 стада, финансиските загуби се големи, секој ден има појава на нови жаришта, а некои сточари ги носат грлата на добиточните пазари без да знаат дали се заболени, што е дополнителен ризик. Бараме од државата побрзо да ја организира вакцинацијата на овците и да го преиспита обесштетувањето кое во моментов е многу ниско, само 100 денари за килограм, апелира денеска Сојузот на одгледувачи на овци.
На прес-конференција пред Владата, претседателот на Сојузот, Насер Џемаили, изјави дека засега најзагрозен од сипаниците кај малите преживари е источниот регион на Македонија. Во штипско, рече, се зафатени 70 до 80 отсто од стадата.
Како што истакна Џемаили, се случува и по неколку недели угинати грла да лежат по дворовите на сопствениците, зашто нема кој да ги однесе, ниту, пак, се знае кој труп каде се закопува. Некои од одгледувачите сами се снаоѓаат, приватно ги вакцинираат овците, но не се знае за какви вакцини се работи и со каков квалитет.
Едно од барањата на Сојузот, беше речено на прес-конференцијата, е и да се формира посебен фонд за обесштетување на сточарите чии грла се угинати и да им бидат исплатени субвенции за оваа година. Ако, пак причина за неспроведување на вакцинацијата е евентуална забрана за извоз во ЕУ, тогаш, сметаат сточарите, државата треба да отвори нов пазар, како во случајот со Србија.
-Денеска сме пред Владата да апелираме за состојбата со сипаниците кај малите преживари. Никој не презема мерки, а секој ден има угинати овци и се уништуваат големи стада. Бараме Владата што побрзо да најде решение за болеста и да набави вакцини. Досега имаме над 50 жаришта и околу 40-50 уништени стада. Околу 40 фамилии останаа без леб, на улица. Зад мене се голем број од луѓето чии стада се уништени и бараме што побрзо да бидат обесштетени. Утрово ни се јави министерот, нè извести дека договарале вакцина преку амбасадата на Турција, но чекаме што побрзо да се донесе тука и да ги куртулиме стадата. Во Македонија сега има околу 250.000 до 300.000 овци. Досега од сипаници угинаа 7.000 до 10.000 илјади, можеби повеќе и сите региони се веќе зафатени со болеста. Институциите како да не го сфаќаат ова сериозно и затоа сме тука. Пред малку спомнав, имавме неколку состаноци, не можевме да дојдеме до заклучоци, па решивме едногласно тука да дојдеме пред Владата, да нè слушне и премиерот и да најдат решение што побрзо, нагласи Џемаили.
Тој потсети дека сипаниците само дополнително ја влошуваат состојбата зашто сточниот фонд е веќе намален, а се помал е, напомена, и интересот за одгледување овци во земјава.
-Оваа болест прв пат се појавува кај нас, но ние се подготвуваме од претходната година зашто во соседните држави беше присутна. Сточарите почнаа и приватно да ги вакцинираат овците, сами се организираат, а не се знаат какви последици може да има тоа. Затоа треба ветеринарните станици да ги советуваат, да излегуваат јавно и да кажат што понатаму. Не ми е јасно, зошто институциите уште не се организираат. Финансиските загуби се многу големи. Затоа бараме од Владата што побрзо да го врши обесштетувањето, за сточарските семејства повторно да застанат на нозе. И така имаме проблем, никој неќе да чува овци повеќе. Мислам дека ова е крај на сточарството. Институциите се уште не преземаат мерки, а на терен има многу проблеми. Констатирана е, на пример, болест кај неколку стада и по 20 дена никој не оди да ги уништи. Замислете колку може да се прошири болеста. Ние не сме надлежни да набавиме вакцина и не сме стручни да кажеме дали треба да се вакцинираат грлата или не. Решение треба да најдат стручните лица, рече Џемаили.
Досега Сојузот одржал повеќе состаноци со Агенција за храна и ветеринарство, Ветеринарната комора и Земјоделскиот факултет, но, како што изјави Џемаили, нема заклучоци.
Тој е дециден дека секоја вакцинација треба да ја следат надлежните институции.
-Функционираат добиточни пазари со стока што не е вакцинирана, без потврда за движење, без ништо. Но, граѓаните не треба да се плашат зашто оваа болест нема влијание кај луѓето и кај храната, посочи Џемаили.
Милена Величковиќ, одгледувач на овци од Куманово и член на Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци, упати порака до сточарите и ветеринарните станици.
_GrsBj75iC/large.webp?use_watermark=1)
-Ние сме тие што мора највеќе да внимаваме и да ги почитуваме биосигурносните мерки, да не носиме животни од други стада во нашите стада, нови грла, за да се обидеме максимално самите да се заштитиме. Со АХВ имаме постојано состаноци, во постојана комуникација сме, се борат да се справат со болеста, но поради многу околности очигледно тешко оди. Затоа, најпрво ние треба да ги почитуваме биосигурносните мерки, ние овчарите и ветеринарните станици, а надлежните треба да одлучат за вакцинацијата. Баравме аргументи зошто да не бидат овците вакцинирани, реални аргументи. Освен проблем со извоз, други не добивме. Меѓутоа, не е само европскиот пазар, нека се потруди државата, нека ни отвори нови пазари. Еве видовме Србија во мај отвори пазар во Алжир за извоз. Ако не ни дозволи Европска Унија, ако тоа е цената за да ги спасиме нашите овци и да го спасиме овчарството во Македонија, нека се потрудат и нека ни најдат нови пазари, изјави Величковиќ.
Според неа, повеќе од еден месец се преговара за вакцинацијата.
-Аргументи против вакцинација реално не слушнавме. Единствениот аргумент да не ги вакцинираме, да не ја спроведеме вакцинација, е можеби тоа што Европската Унија ќе ни даде забрана за извоз. Меѓутоа, ни тука нема официјални податоци – дали ќе ни даде или колку забрана ќе ни даде, зошто реално ниту месото од болеста е штетно по луѓето, ниту месото после вакцинација. Конкретно упатив прашање до професор од Ветеринарниот факултет, дали има некаква каренца по вкацинацијата за користење месо, млеко, меѓутоа не постои каренца ниту за млекото, ниту за месото од овците што ќе бидат вакцинирани. Затоа, бараме што побрзо да се вакцинираат овците и да се организираат институциите меѓу себе, зошто сведоци сме дека нешто не функционира во организацијата, рече Величковиќ.
Таа јавно праша и што ќе биде со оние на кои веќе им угинаа овците.
-Дали постои посебна мерка, зашто обесштетувањето е навистина смешно. Што правиме со расните овци на кои пазарната цена им е пет пати повисока од сумата за обесштетувањето? И каде се дел од субвенциите? Тие овци не ги изгубиле сточарите зашто сакале, туку им се случила болест. Дали ќе земат субвенции за оваа година? Добивме одговор за оние од 1 јули наваму, меѓутоа имаме уништени стада и до 1 јули. Да се направи посебен фонд и да бидат обештетени и тие луѓе со реални цени, да им бидат исплатени и субвенции за оваа година за да ги мотивираме и да ги вратиме назад во овчарството, потенцира Величковиќ.
Сточарот Елми Зеќири од штипско село Шашаварлија, член на Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци, вели дека вакцинацијата засега е единствениот спас.
_HQ3ffuphi/large.webp?use_watermark=1)
-Очекуваме државата да ни излезе во пресрет и да ни каже што да правиме – дали да вакцинираме, дали да чекаме. Ние не знаеме што ќе правиме. Имам контакт со мои луѓе, братучеди, колеги сточари. Велат дека има нови жаришта од вчера, завчера. Не знаат што ќе прават. Да станеш наутро од спиење и да го видиш цело стадо болно, а од него живееш. Ние живееме од тие овци и сега решението да биде да ни ги убијат – тоа не е решение или да ни ги обесштетат за срамотни 100 денари по кило. Тоа е срамота, да ни ги ценат по категорија овците. Нашите овци не се за проценување за категорија, нашите овци ги чуваме ние за егзистенција. И ако дојде време да ни ги уништат, треба да ни ги платат како што треба, а не од кило. Значи, од кило се продава на трговци стоката, не се уништува од кило за обештетување, потенцира Зеќири.
Во меѓувреме, по прес-конференцијата на Сојузот на одгледувачите на овци пред Владата, стигнаа реакци од АХВ и од Министертсвото за земјоделство, шумарствпо и водостопанство. (МИА)