Состојбата на заболениот премиер на Луксембург, Бетел, е „сериозна, но стабилна“


Се очекува премиерот Ксавиер Бетел да остане во болница уште 2-4 дена

 

Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел е во „сериозна, но стабилна“ состојба во болница со корона вирус, соопшти неговата влада во понеделникот.

Бетел (48) беше позитивен на вирусот пред нешто повеќе од една недела, кратко време откако присуствуваше на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, и беше примен во болница во неделата.

„За време на викендот, забележаните симптоми не стивнуваа, што доведе премиерот да биде примен во болница од претпазчивост“, се вели во соопштението на Владата на Луксембург. „Во тој момент беше дијагностицирана недоволна сатурација на кислород и оттогаш премиерот беше под медицински опсервации“.

Во соопштените се нагласува: „Медицинската состојба на премиерот се оценува како сериозна, но стабилна. Поради оваа причина, медицинскиот персонал кој го лекува премиерот одлучи дека хоспитализацијата останува неопходна за период проценет на два до четири дена, за да може да продолжи со набљудувањето“.

Бетел ја прими првата доза на вакцината „АстраЗенека“ на почетокот на мај.

Неговата канцеларија утврди дека никој од другите лидери на самитот на ЕУ не бил меѓу неговите „блиски контакти“ бидејќи биле забележани мерки на претпазливост како што се носење маска и социјално дистанцирање, според официјален претставник на Европскиот совет.

Владата на Луксембург соопшти дека министерот за финансии Пјер Грамења бил овластен да потпишува документи во име на Бетел „за најдобро гарантирање на оперативниот континуитет на тековните работи“. Но, исто така, рече дека Бетел ќе продолжи да ја координира работата на владата и да ги извршува своите функции од далечина.