Состојбата на славниот писател е сериозна: „Нервите му се отсечени, ќе го изгуби едното око“


Славниот писател Салман Ружди беше опериран по крвавиот напад со нож на сцена во Њујорк, тој се уште е без свест, а повредите му се тешки, јавуваат светските агенции.

Салман Ружди по операцијата се уште е на респиратор, а неговата состојба се уште не е целосно стабилна, јавува Би-Би-Си. Според неговиот агент „вестите не се добри“, откако познатиот автор бил избоден со нож на настан во Њујорк.

Ружди беше нападнат на сцената и моментално е на вентилатор и не може да зборува, изјави агентот Ендрју Вајли, додавајќи дека 75-годишниот автор „може да изгуби око“.

Салман Ружди добивал смртни закани од исламисти со години откако ги напишал Сатанските стихови, објавени во 1988 година.

Полицијата по нападот уапсила осомничен Хади Матар (24) од Фервју, Њу Џерси. Осомничениот, наводно, истрчал на бината и ги нападнал Ружди и модераторот од институтот Чаутаука во западниот дел на државата Њујорк.

„Салман најверојатно ќе го изгуби едното око; нервите во раката му се отсечени, а црниот дроб му е пробиен и оштетен“, рече неговиот агент.

Дејли меил пренесува дека Ружди беше нападнат и избоден повеќе пати, вклучително и во вратот и стомакот, додека беше претставуван на настан во Чаутаука, во близина на Бафало, во петокот наутро.

Осомничениот Матар, за кој полицијата вели дека добил пристап до настанот со пропусница, успеал да излезе од сцената пред да биде задржан, додека луѓето брзале да му помогнат на Ружди.

Извори од органите за спроведување на законот изјавија за „Њујорк пост“ дека првичната истрага сугерира дека Матар бил симпатизер кон иранскиот режим и Исламската револуционерна гарда, иако е роден околу девет години по за првпат издадената фатва против Ружди.

Модераторот на настанот Хенри Рис (73), ко-основач на организација која нуди престој на писатели кои се соочуваат со прогон, исто така беше нападнат. Тој и Ружди требаше да разговараат за САД како засолниште за писателите и другите уметници во егзил.

Рис беше пуштен од болница во петокот попладне и во изјава испратена по е-пошта за Њујорк Тајмс, тој го нарече Ружди „еден од големите бранители на слободата на говорот и слободата на креативното изразување“, а потоа додаде: „Фактот дека овој напад може да се случи во Соединетите Американски Држави е показател за заканите за писателите од многу влади и од многу поединци и организации“.
Романот на Ружди беше сметан за богохулење од многу муслимани во 1980-тите, а најмалку 45 луѓе беа убиени во немирите поради книгата, што доведе до забрана во Иран, каде што починатиот лидер ајатолахот Хомеини издаде фатва во 1989 година, повикувајќи на смрт за Ружди. 

Смртните закани и наградата го наведоа Ружди да се крие во рамките на програмата за заштита финансирана од британската влада, сè додека не се појави по девет години изолација и претпазливо продолжи со повеќе јавни настапи, одржувајќи ја својата отворена критика на верскиот екстремизам во целина. Тој е во САД од 2000 година.