Состојбата на Џафери стабилна, конститутивната седница ќе биде во уставниот рок


Фото: Б. Грданоски

Здравстевната состојба на претседателот на Парламентот, Талат Џафери е стабилна и тој одмора по препорака на лекарите, информираат денеска од неговиот Кабинет.

– Здравствената состојба на претседателот на Собранието Талат Џафери е стабилна. Со оглед на интензивните активности што ги имаше во текот на изборната кампања по препорака на лекарите неопходен му е одмор и мирување, посочуваат од кабинетот на Џафери.

Воедно, наведуваат дека неколку пати бил тестиран и е негативен на Ковид-19.

Од Кабинетот засега не потврдуваат дали Џафери ќе оди во Крушево за прославата по овод Илинден како што претходно беше најавено, ниту кога ќе ја закаже конститутивната седница на новиот собраниски состав, но укажуваат дека се ќе биде направено согласно роковите од Уставот и собранискиот Деловник.

Талат Џафери минатата недела беше хоспитализиран на Инфективната клиника заради системска контрола.

Според Уставот, тој треба да ја закаже конститутивната седница најдоцна до 4 август. Ако не биде во можност тоа да го стори, таа улога му припаѓа на најстариот пратеник во новиот собраниски состав.