Состанок под превезот на тајност: За што разговараа Додик и Орбан во Бања Лука
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој според највлијателните западни земји е главната причина за актуелната политичка криза во Босна и Херцеговина. Средбата се одржа во Класница во ресторанот Кеј, помеѓу Лакташи и Бања Лука.
Орбан средбата ја опиша како „пријателска и работна“ и на неа го доведе и министерот за надворешни работи Петер Сијарто, а премиерот на Република Српска Радован Вишковиќ го придружуваше Додик.
Посетата траеше помалку од два часа, а разговорите се одржаа зад затворени врати во ресторан во близина на аеродромот и без заеднички изјави за печатот, пишуваат хрватските медиуми.
„Ние сме благодарни на Унгарија за разбирањето што го има за РС“, беше единствената реченица на Додик за разговорите, која им беше пренесена на локалните медиуми од неговите кругови.
Пред неговото пристигнување во Бања Лука, Орбан го прими високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит во Будимпешта, чиј легитимитет Додик силно го оспорува бидејќи неговото назначување не беше потврдено од Советот за безбедност на ОН.
Во септември, унгарскиот премиер беше домаќин на Додик на демографскиот форум во Будимпешта, една од ретките европски престолнини каде што лидерот на босанските Срби, кој се соочува со очигледна дипломатска изолација поради неговото однесување, сè уште е добредојден.
Пред состанокот во Бања Лука, Додик го опиша Орбан како „важен и голем државник“, пофалувајќи ја неговата подготвеност да се конфронтира со другите членки на ЕУ и со Брисел за важни прашања.
Тој најави дека планира да реализира енергетски проекти со Унгарија, од кои барем еден може да се однесува на Хрватска, односно потенцијалот што би можел да го има хидроцентралата во Плат кај Дубровник и кој зависи од водотеците на територијата на БиХ и источна Херцеговина.
„Мојата идеја е да се обидам да се договорам со него (Орбан) за изградба на втор тунел од Требишњица, од акумулационото езеро над Требиње, кој би се спуштил до Сутоморе или Плат, во зависност од тоа со која земја, Хрватска или Црна Гора, ќе постигнеме што подобар аранжман“, рече Додик во интервју за телевизијата РС (РТРС).