Состанок на министрите за финансии на Г-20


Индонезија– Министрите за финансии од Групата 20 најразвиени економии во светот (Г20) денеска започнаа дводневен состанок на кој ќе разговараат за стратегиите за надминување на глобалното економско забавување предизвикано од пандемијата на коронавирусот.

Разговорите меѓу министрите за финансии на Г-20 и гувернерите на централните банки се одржуваат во хибриден формат поради загриженоста дека ширењето на многу заразната варијанта омикрон и зголемената инфлација би можеле да го попречат глобалното економско закрепнување.

– Навистина доаѓа тешка зима за глобалната економија, која се соочува со пандемија која е далеку од завршена, рече индонезискиот претседател Џоко Видодо во својот воведен говор.

– За време на оваа ситуација, ниту една земја не може да закрепне сама. Сите земји се меѓусебно поврзани, рече тој, додавајќи дека подемот на еден регион ќе предизвика пораст на други региони, додека колапсот на еден регион ќе резултира со колапс на други.

Индонезискиот претседател предупреди на „ривалство и нови тензии кои можат да влијаат на глобалното закрепнување“, но и да го загрозат светскиот мир, како што е, според него, актуелната ситуација во Украина.

Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека глобалната економија годинава ќе порасне со стапка од 4,4 отсто, што е послабо од минатогодишниот раст од 5,9 отсто.