Соработник на Навални претепан во Литванија


Долгогодишниот близок соработник на покојниот руски опозиционер Алексеј Навални, Леонид Волков, е нападнат пред својот дом во Литванија. Волков кажа дека му е скршена рака, дека бил испрскан со гас  и 15 пати бил удрен со чекан по нога.Не е познат идентитетот на напаѓачот, но Волков верува дека е политички мотивирано.

„Тоа беше очигледен, типичен гангстерски поздрав од Путин, од бандит од Санкт Петербург. Ќе работиме и нема да се предадеме“, објави Волков на Телеграм, без да даде повеќе детали за напаѓачот.

Полицијата покрена истрага за нападот, кој се случил кога Волков пристигнал со автомобил пред својот дом во Вилнус.

Иван Жданов, уште еден соработник на Навални, објави фотографии од натепаниот Волков, на кои се гледа дека има крвава лева потколеница и модринки на главата. Запрашан дали напаѓачот извикал нешто, Жданов одговори:„Сѐ се случи во тишина. Се разбира дека ова е јасен политички напад, нема сомнеж во тоа“.
 
Волков (43), кој од безбедносни причини живее надвор од Русија веќе неколку години, беше шеф на кабинетот на Навални до неговата смрт минатиот месец. Тој се соочува со неколку обвиненија во Русија.