Сопственикот на хотел во БиХ кој брутално претепа работничка која побарала плата, не мора да оди во затвор


До 10  месеци затвор, судот во Коњиќ, во северниот дел на Херцеговина, го осуди насилниот сопственик на хотел кој жестоко претепа вработенѐ на почетокот на август, што доведе до неколку протестни собири во земјата. Првостепената пресуда судот ја донесе откако сопственикот на хотелот „Јабланица“, Амир Џафиќ, ден претходно ја призна вината, иако претходно негираше одговорност за претепување на поранешната вработена Ениса Клепо.

Судот му најде олеснителна околност: „Тој е семеен човек“
Во образложението на пресудата беше наведено дека Џафиќ ѝ нанел тешки физички повреди на Е.Клепо, а како олеснителни околности е наведено дека овој 44-годишен маж е семеен човек и дека немал претходни осуди. Адвокатката на оштетената Нада Далипагиќ рече дека очекува Обвинителството на Херцеговско-неретванската жупанија да поднесе жалба на неправосилната пресуда.

„Очекувам Обвинителството да поднесе жалба на оваа пресуда“, рече Далипагиќ.

Не мора да помине ниту еден ден во затвор
Во случај правосилната пресуда да ја потврди десетмесечната казна, сопственикот на хотелот во Јабланица не мора да помине ниту еден ден во затвор. Законот во Босна и Херцеговина дозволува откупување на затворски казни до 12 месеци.

Еден ден чини 100 марки (околу 50 евра)

Сопственикот на хотелот „Јабланица“, Амир Џафиќ на 1 август годинава ја фатил за кошулата тогашната рецепционерка Ениса Клепо, ја одвлекол до дел од хотелот каде што нема камери и откако ја навредил жестоко ја претепал. Пред тоа, Клепо, која работела како рецепционер, се скарала со менаџерката на хотелот, сопругата на Џафиќ, за исплата на плата, отказ и други проблеми на работа.

Таа била хоспитализирана во болница во Мостар, каде ѝ била констатирана фрактура на коската на лицето и повреди на ткивото околу двете очи. Поради овој случај на тепање, протести против насилството врз жените беа организирани во Јабланица и други градови во Босна и Херцеговина.