Сопственикот на „Еколог“ премиерски адут на Ахмети?


Сопственикот на компанијата „Еколог“, Љазим Дестани е кандидат на ДУИ за првиот премиер Албанец, пренесува порталот Ина.

 Од партијата на Али Ахмети сепак велат дека официјално не е разговарано за имиња на кандидати за прв премиер Албанец, туку дека станува збор за концепт.

Инаку одамна е позната практиката на ДУИ на функции да поставува членови на семејства кои важат за големи финансиери на партијата, што во демократските земји се смета за конфликт на интереси. По искуството со Кочо Анѓушев  се виде и дека јавноста нема толеранција на вклучување бизнисмени во врвната политика, бидејќи не се знае дали се водат од интересите на државата или на компанијата, уште повеќе што сопственикот на „Еколог“ не е активен во политиката.

Ниту Алијанса, ниту Беса не ја оспоруваат идејата за Албанец премиер , но имаат сомнежи во однос на предлагачот – ДУИ. Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, вели дека се сомневаат во сериозноста на ДУИ за ова прашање, потсетувајќи дека партијата на Ахмети не им излезе во пресрет на претседателските избори, кога тие го поддржаа Блерим Река како кандидат за претседател.