Сопствениците почнаа да се извинуваат, по обврската да се побара сертификат за вакцинација во ресторан


Откако почна да се применува мерката донесена од Владата за спречување на ширењето на Ковид-19, односно на влезот во ресторани, кафулиња и други затворени објекти задолжително да се покаже ковид-сертификат за примена вакцина, сопствениците на локалите, на Фејсбук со име и презиме почнаа да им се извинуваат на гостите.

Прочитајте само два Фејсбук-поста, од многуте кои можат да се начекаат на социјалните мрежи.

„Почитувани наши гости,
Јас Љубица Мушуланова Ристевска од срце ви се извинувам што 3 дена ви барам сертификати, и од срце ви се извинувам на сите што ве вративме и не ви дозволивме да седите во нашиот ресторан. Помизерно во животот не сум се почувствувала. Вчера дури и live на Facebook вреѓање кркав од една Ромска фамилија кои мислеа дека ги враќам зошто се роми и ги дискриминираме, дека не сакаме гости да примаме, а тие за жал сите немаа сертификати.
33 години постои Шумски Фенери, што не поминавме за да имаме повеќе работа, повеќе гости, да понудиме и да ве направиме среќни, да бидеме дел од вашите спомени и сега стоиме на врата и ви допираме во интимата зошто некој побарал така од нас во спротивно ќе не казни, стоиме на врата и бркаме луѓе а цел ресторан зјапа празен?!
Срам да ви е на сите што не доведовте нас угостителите до овај мизерен степен кој верувам никој нема да го заборави. Луѓе кои доаѓаат секој ден, не можат повеќе да доаѓаат.
Ама ете сме трпеле, но и глас ќе креваме за ова лудило да престани. Зошто и вакцинираните со срам покажуваат сертификати само да знаете!“, пишува Мушуланова Ристевска.

Вториот вели:

„Јас Дејан Георгиевски (Жапон), во свое лично име длабоко ви се извинувам на сите што од сабајле ви побарав сертификат за вакцинација како услов да седнете на кафе. Ви се извинувам и на сите вас што не ви дозволив да го испиете вашето кафе затоа што немавте сертификат. Поглупо и полошо не сум се чувствувал. Никогаш нема да го заборавам ова понижување“, пишува тој.