Сопствениците на Манчестер сити веќе поседуваат 10 фудбалски клубови


„Сити фудбал груп“, кои се сопственици на Манчестер Сити, го додадоа францускиот второлигаш Троа во своето портфолио. Компанијата се стекна со мнозински удел во својата нова аквизиција. Францускиот бизнисмен Максим Раи ќе поседува дел од акциите и ќе биде дел од управата на клубот.

Троа заврши на четвртото место во Лига 2 минатата сезона пред пандемијата на коронавиру да го запре шампионатот, кој не беше продолжен. Оваа сезона тимот ја започна сезоната со победа и пораз во шампионатот.

Извршниот директор на Манчестер Сити, Феран Сориано, прокоментира дека веќе некое време групацијата има интерес за францускиот фудбал, а особено за Троа.

Со последната аквизиција, „Сити фудбал груп“ со седиште во Абу Даби веќе поседува 10 фудбалски клубови ширум светот. На списокот се шпанска Жирона, белгиски СЦ Ломел, Њујорк Сити, Мелбурн Сити, како и клубови од Јапонија, Кина, Уругвај и Индија.