Сопствениците на автомобили „Тесла“ во Кина протестираат поради големиот пад на цените


 

Стотици сопственици на електрични автомобили „Тесла“ во Кина се собраа во салоните и продажните центри на производителот, барајќи компензација за разликата во цената по ненадејното поевтинување на автомобилите што ги купиле во претходните месеци.

Ројтерс објави дека околу 200 купувачи на „Тесла“ „Модел Y“ и „Модел 3“ кои веруваат дека преплаќале за нивните автомобили се собрале во дистрибутивниот центар на компанијата во Шангај во знак на протест против одлуката на производителот на автомобили драстично да ги намали цените по втор пат во три месеци.

Според агенцијата, многу купувачи верувале дека цените по кои компанијата „Тесла“ продавала автомобили минатата година нема да паднат толку нагло и во толкава количина.

По најновите намалувања на цените, автомобилите сега чинат меѓу 13 и 24 отсто помалку отколку во септември.

Аналитичарите велат дека намалувањето на цените сигурно ќе ја зголеми продажбата на автомобили и со тоа ќе ги принуди другите производители да ги намалат цените на електричните автомобили.

Најавената суспензија на државните субвенции закажана за крајот на 2022 година принуди многу купувачи да побрзаат со своите набавки, пренесува агенцијата.