Сопругот на Ана Волш, внуката на генерал Љубичиќ, е официјално обвинет за нејзиното убиство
САД- Обвинителот Мајкл Морисеј денеска соопшти дека надлежните имаат причина да веруваат дека 47-годишниот Брајан Волш ја убил својата сопруга Ана Волш (39) , која по потекло е од Србија, објавија американските медиуми.
Откако беше уапсен пред една недела, Волш се изјасни за невин за сомнежот дека ја попречувал истрагата. Волш утре изутрина ќе биде сослушан во обвинителството во врска со обвиненијата за убиство. Обвинителот Морисеј рече дека другите детали за убиството на Ана Волш ќе бидат објавени подоцна.
39-годишната Ана не е видена од 1 јануари, а нејзиниот работодавец во Вашингтон, а потоа и нејзиниот сопруг, ја известиле полицијата за нејзиното исчезнување на 4 јануари. Волш тогаш изјавил дека на 1 јануари, откако заедно ја прославиле Новата година, отишла на аеродромот за да се качи на авион за Вашингтон. Подоцна било утврдено дека Ана не се качила во тој авион. Сигналот на нејзиниот мобилен телефон бил регистриран следното утро во близина на нејзиниот дом во Кохасет, каде што живеела со нејзиниот сопруг и трите деца.
Полицијата пронајде крвави траги и скршен нож во подрумот на куќата, додека крвава пила и други предмети кои полицијата ги поврзува со исчезнувањето на Волш биле пронајдени во депонија во близина на куќата на мајката на Волш.
Утврдено е и дека по исчезнувањето на Ана, Брајан Волш купил средства за чистење во вредност од 450 долари и пребарувал на Интернет за „како да се ослободи од женско тело тешко 52 килограми“.
Ана Волш е внука на српскиот генерал Никола Љубичиќ, кој некогаш беше еден од најмоќните Срби и најблизок соработник на Јосип Броз Тито.