Сопругата на Ердоган: Владетелка на илјада соби

Сопругата на турскиот претседател потекнува од сиромашно семејство, но сега води раскошен живот


 

Дизајнерска чанта од 45.000 евра, посебен вид чај за 1.800 евра, ултра луксузни набавки и модерен дизајн – првата дама на Турција, Емине Ердоган, не се појавува во јавноста, но очигледно води многу луксузен живот, пренесува Дојче веле. Таа сака да дава совети – особено на турските домаќинки. Од кора од јаболка може да се направи оцет, а мангото е вкусно, дури и сушено – открила таа за весникот „Јени шафак’, кој е близок до властите. Манго? Во денешна Турција? Бранот на потсмев на социјалните мрежи беше огромен, пишува германски „Велт ам Зонтаг“ и објаснува дека луѓето во Турција се редат за поевтини компири и кромид додека сопругата на Ердоган им објаснува како да јадат сушено манго.

Дизајнерски брендови и скапи бутици

Првата дама не еднаш беше критикувана поради раскошниот начин на живот што го одржува. И навистина, тешко дека има многу Турци кои мислат дека Емине Ердоган е олицетворение на скромноста. За нејзиниот моден изглед, кој вклучува цврсто врзана шамија, широки фустани од раскошни ткаенини, чевли со високи потпетици и тешка шминка, се грижи специјално ангажиран моден дизајнер, објаснува германскиот весник.

 

Фотографијата на која се гледа како Емине Ердоган носи луксузна чанта „Хермес“ од 45.000 евра, предизвика бес, како и медиумските извештаи дека купила предмети во вредност од 44.000 евра од антикварница во Варшава. За претседателската сопруга „зависник од пазарење“, како што ја нарече британски „Дејли мејл“, во 2015 година дури цел трговски центар во Брисел беше затворен за да може непречено да пазарува, потсетува магазинот „Фокус“. И на крајот на март оваа година – помалку од шест недели по разорниот земјотрес во Турција, кој ги однесе животите на десетици илјади луѓе, Емине Ердоган беше забележана пред бутикот „Диор“ во Њујорк, додава „Велт ам Зонтаг“. Покрај тоа, се тврди дека сакала да пие посебен вид бел чај од турскиот град Ризе –  килограм од овој чај чини неверојатни 1.800 евра.

Од сиромашно детство до екстравагантен живот

Емине Ердоган, како и нејзиниот сопруг, потекнува од скромно семејство – таа е едно од вкупно петте деца во семејството. Таа е родена во Истанбул, но нејзините родители биле од Анадолија и очигледно биле строго религиозни.

На 15-годишна возраст Емине мораше да носи муслиманска шамија, а братот на турската прва дама пред извесно време за весникот „Милиет“ изјави дека неговата сестра плачела со денови, па дури и се заканувала дека ќе изврши самоубиство, бидејќи во тие години носењето шамија значело дека таа нема право да студира. Меѓутоа, со текот на времето, ставовите на Емине очигледно се менуваат. Нејзините ќерки сега исто така носат исламска шамија. Таа самата наведува дека мајчинството е една од најважните задачи на посветените муслиманки.

„Предуслов за сите права, слободи и достигнувања што им се ветени на жените е да се откажат од сопствениот идентитет“, рече таа на едно предавање во ноември минатата година.

Нејзиното гледиште за отоманскиот период е различно, тврди германското издание и дава пример: „Во 2016 година турската прва дама изјави дека султановиот харем не е лоша работа за жените. Во исто време, сепак, таа рече дека таа нема да толерира втора сопруга на Ердоган“.

За Емине Ердоган велат дека е многу љубоморна. „Веројатно се обидуваат да ги задржат гласините за љубовниците подалеку од неа“, пишува германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.

Палата со илјада соби

Сопругата на претседателот не претендира на политички активности. Наместо тоа, таа непрекинато го поддржува својот сопруг, кој штотуку освои уште еден мандат. Првата дама има свои иницијативи на кои работи – една од нив е Агенцијата за животна средина, чиј покровител е Емине Ердоган. Медиумите во земјата пишуваат дека оваа агенција добила ексклузивно право да ги дели локациите за лежалки по целото турско крајбрежје.

 

Една од нејзините главни задачи, сепак, е да владее со приватните простории на семејството. Ердоган изгради палата со илјада соби за себе и за своето семејство во Анкара. Се вели дека тамошните ѕидови имаат свилени тапети, а теписите чинат над 8 милиони евра. Само во својата „скромна“ кујна Емине Ердоган понекогаш дозволува избрани новинари – да покаже како готви оцет од кора од јаболка и како суши манго, иронично коментира „Велт ам зонтаг“.