Сопрено производство на електрични „фолксваген“ автомобили во Германија


Германскиот производител на автомобили Volkswagen (VW) го прекинува производството на два модели на електрични автомобили во својата фабрика во Емден, Долна Саксонија, изјави портпаролката на фабриката. Производните линии беа запрени вчера, а се очекува денеска и во понеделник да останат без работа, изјави портпаролката за ДПА.

Таа посочи дека им недостасуваат електромотори за моделите на автомобили ID.4 и ID.7, но дека ќе продолжи производството на моделите Passat и Arteon со мотори со внатрешно согорување.

„Запрено е само производството на електрични автомобили“, рече портпаролката.

Според неа, главната причина за недостигот на мотори се нарушувањата во синџирот на снабдување. Поради недостиг на мотори, VW веќе најави прекин на производството во фабриката во Цвикау, која произведува само електрични автомобили.