Сопрена водата во Куманово по невремето, апел да не се пие каде што ја има


Граѓаните на Куманово се повикуваат да не ја пијат и да не ја користат водата од водоводот, по синоќешното невреме. ж

Како што соопшти ЦУК, вода нема во повеќе делови од градот а таму каде што ја има се апелира да не се користи.

„Аларм до граѓаните на Куманово за да не се користи водата на пиење од водоводот, таму каде што ја има. А, најверојатно ќе биде сопрена до надминување на состојбата“, се вели во соопштението од ЦУК.

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера од попладне до доцна во ноќта, се пријавени повеќе случаи на поплавувања и штети од пороен дожд, град и ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и автомобили, како и заглавени луѓе во возила заради порои од земја и одрони.

Регионалниот ЦУК Куманово, известува дека е добиена дојава за оштетен пат од обилни врнежи од дожд во село Сушево. Патниот правец е непрооден, а за проблемот се известени во Општина Куманово за понатамошно решавање на проблемот. Пријавено било и дека во месноста „Света Петка – Пелинце“ во Општина Старо Нагоричане невремето има донесено тампон и песок и постои опасност од лизгање на автомобили. За ова веднаш е известено јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за нивна понатамошна постапка односно за расчистување на патот.