Сообраќајот околу Мавровското езеро нормализиран, од Бунец до Леуново наизменично се пропуштаат возила


Метежот и колоните од автомобили кои попладнево се сосзадоа по локалниот пат околу Мавровското езеро се расчистени и сообраќајот се одвива во зимски услови.

Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи за МИА потврди дека вакви состојби се појавуваат во период кога има зголемен број на туристи.

– Вообичаено во зимскиот период сообраќајот се регулира со кружен тек околу езерото. Некои не ја испочитувале препораката и заглавиле при разминување, вели Реџепи.

Во меѓувреме, полициски службеници го регулираат сообраќајот од Бунец кон Леуново и ги пропуштаат возилата наизменично.

Попладнево на социјалните мрежи имаше реакции од возачи и туристи кои се пожалија дека стојат повеќе часови во место.

„Фотографииве се тазе, денешни, вечерашни, сакаш да се вратиш во викендичка, ама те пренасочуваат да се враќаш од кај Леуново и Никифорово, цел круг околу езерото, оти нормални услови за движење од другата страна нема. Колоната е километарска, во недоглед, стоиш во место и не знаеш зошто? Ова го нема никаде, само овде кај нас, оти за жал системот не функционира како што треба“, велат во објавите на социјалните мрежи.

Освен студот, тие стравуваа дека ќе останат без бензин затоа што ги пренасочуваат од кај селата Леуново и Никифорово и  треба да направат цел круг околу езерото, бидејќи велат дека нема услови за движење од другата страна.

Одвивањето на сообраќајот е отежнато и заради снегот којшто го стеснува коловозот. Од СВР Тетово побарале од ЈП Македонија пат да испратат специјални возила и да го исчистат снегот. Според најавите, до 21:30 треба да се обезбеди подобар проток на возила.