Сообраќаен колапс во Германија. Возачи 7 часа заглавени во снег


Сообраќајот во Германија веќе два дена е во застој поради снег и замрзнат дожд. Автопатите се непроодни, а железничките и воздушните линии се откажани. Северот на континентот, исто така, се бори со тешка временска ситуација.

Повеќе од 300 од 1.000 планирани пристигнувања и полетувања беа откажани утринава на аеродромот во Франкфурт, изјави портпаролот.

„Затрупани во снегот повеќе од седум часа“
Снегот и мразот ги покрија патиштата во централна Германија, а замрзнатиот дожд ги претвори пешачките патеки во лизгалишта. Стотици возила останаа заглавени на автопатиштата во покраините Хесен и Рајнската област. Црвениот крст на возачите им подели ќебиња и топли напитоци.

„Луѓето на кои им помогнавме беа тука повеќе од седум часа. Закопани во снегот, тие станаа очајни, па им значи многу кога ќе добијат шолја топол чај или кафе. На камионџиите им е полесно бидејќи имаат кревети и помошно греење, изјави Паскал Хасел од германскиот Црвен крст, пренесува ХРТ.

„Само мал број авиони би можеле да полетаат денес“
Покрај патниот сообраќај, во прекин е и железничкиот и авиосообраќајот. Поради замрзнат дожд, синоќа беа откажани стотици летови од аеродромот во Франкфурт. Денеска сепак мал број авиони успеаја да полетаат.

„По вчерашното масовно откажување на летовите, ситуацијата денеска донекаде се нормализира. Во текот на ноќта падна снег, така што нашите зимски служби ги расчистуваат пистите. Сега можеме да го зголемиме бројот и на слетувања и на полетувања“, изјави Јирген Харер, портпарол на аеродромот во Франкфурт. 

Снежна бура низ Европа
Снежното невреме го зафати и скандинавскиот регион. Во Осло, главниот град на Норвешка, аеродромот е привремено затворен бидејќи пилотите не можат да ја видат пистата поради снег.

Делови од Франција исто така се борат со прекини во сообраќајот. Поради лошите временски услови, во 25 департмани издадено е портокалово предупредување. Снежна покривка ја побеле и француската престолнина.