„Сонот на Ташковски“ – кураторски едукативни разгледувања


Фото: Д. Митревски

Во рамки на „Најново нормално декември“ – проект на Институтот за култура и уметност „Арс акта“ – Скопје во соработка со Националната Галерија од денеска до 15 декември ќе биде отворена изложбата „Сонот на Ташковски“ – кураторски едукативни разгледувања.

Од Институт Арс акта Скопје информираат дека турите „Сонот на Ташковски“ се наменети за децата од 6 до 16 години, кои во текот на 90 минути ќе уживаат во фантастичниот свет на уметникот Васко Ташковски и ќе се дружат меѓу себе.

Изложбата „Ретроспектива на Ташковски“ која ќе биде отворена до 15 јануари, во Даут пашин aмам, Национална Галерија, досега ја видоа рекорден број посетители, дотолку што се очекува второто издание на каталогот за изложбата, но овојпат децата ќе имаат можност активно да го доживеат светот на авторот. Идејата е децата преку прашањата од водичот Бојана Јанева да сe поттикнат да ја доживеат сликата преку нивната фантазија.

Светот на Ташковски е преполн со ликовни детали, слики во слики, кои будат најразлични приказни во детските (и не само детски) глави. Уметниковиот надреален, (да, ќе го научат и тој збор) сонишен печат ќе им го разбранува мозокот, ќе ги натера да мислат на природата, бродовите, синото небо, вселенските бродови и човекот. Боите, формите, текстурата, линијата, композицијата ќе се забележат и поврзат во една нивна приказна, различна кај секое дете. На турата, Бојана Јанева ќе биде придружена и преведувана од Агнеса Чаволи од НГМ, за децата на мајчиниот албански јазик да ги восприемат делата на Ташковски. И сите деца заедно преку своите одговори за тоа што гледаат на сликите ќе учат како се гледа уметничко дело и од што се гради сликата, а и соживотот во пракса, посочуваат од Институт Арс акта Скопје.

„Најново нормално декември“ е проект на Институтот за култура и уметност „Арс акта“- Скопје во соработка со Националната Галерија