СОНК закажа генерален штрајк на 11 ноември


Јаким Неделков, претседател на СОНК, Фото: Б. Грданоски

Советот на СОНК, на денешната седница, одлучи на 11 ноември годинава да излезат на генерален штрајк, откако се согласија дека подадената рака од Владата за зголемување на платите за 10 отсто е неприфатлива.

Од таму нагласија дека даваат 15 дена период на помирување. СОНК бара да се зголеми платата повеќе од 10 отсто и да биде тоа од први јануари, а не од април како што беше најавено.

-Советот на СОНК во овој период на помирување до генералниот штрајк, до кога има 15 работни дена, уште еднаш го отвора барањето до МОН и бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку наше барање е да почне од 1 јануари 2020 година, рече Неделков.

Од СОНК предлагаат понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување. Како придружни барања што ќе се достават до МОН, како што најави Неделков, се измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава…

Неделков смета дека е итно барањето за изготвување и потпишување на колективен договор за високо образование и наука кој би бил со период на имплементација од 1.1. 2020 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Неделков рече дека доколку не се исполнат нивните барања би се одржал штрајк кој ќе биде со прекин на работниот процес во основните, средни и високообразовни институции. Тој очекува во меѓупериодот до најавениот штрајк, нивните барања да бидат разгледани и да имаат средба со претстваници на Владата и на МОН.

На СОНК зголемувањето на платите во образованието му беше предложено на 8 октомври на средба во Владата помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот Адеми со лидерот на СОНК, Јаким Неделков.

Синдикатот соопшти дека ќе одговори откако ќе ги добие мислењата од членството преку нивните регионални организации.