СОНК се одлучи за генерален штрајк во училишата и градинките од 11 април


Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, вечерва и официјално објави дека ќе оди на штрајк во училиштата и градинките. 

„Советот на СОНК донесе едногласна Одлука за Генерален штрајк кој што ќе започне на 11 Април. Денешните преговори завршија без предлог од страна на Владата“, се вели во кусата објава на фејсбук страницата на СОНК.

Претходно, попладнево во Владата имаше средба меѓу претставници на СОНК и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, на која според соопштението од средбата, беше договорено „продолжување на континуираниот дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија“.

Меѓуоа, подоцна претседателот на Синдикатот Јаким Неделков, во изјава за Сител рече дека училиштаа и градинките од 11 април нема да работат до исполнувањето на барањата на СОНК, односно до зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.

„Одговорот од Владата беше дека сме во економска криза, кризата со Украина и слично, но нашите плати, во просек од 25,000 денари не стигаат за задоволување на основните месечни потреби“, изјави Неделеков.

Инаку, платите на вработените во градинките сега се околу 23.000 денари, во основните училишта речиси 25.000, а во средните училишта до 29. 000 денари. Со зголемувањето, највисоките би биле нешто под 35.000 денари.

-Во дејноста детска заштита, во градинките имаме 10 различни работни места со 10 различни бодови за вреднување на работно место сега ќе земаат иста плата – тоа е непочитување на закон и колективен договор, изјави Неделков за Сител.

Според владините пресметки, пак, зголемувањето на платите во озбразованието би ја чинело државата околу 100 милиони евра годишно.