СОНК одлучи да го стави штрајкот во мирување


Планот за генералниот штрајк на просветните работници е ставен во мирување. Штрајкот во образованието ќе мирува се до конечната одлука и постигнување на договор и решение за барањата доставени до ресорното министерство. Со тоа, училишните врати во понеделник нема да бидат затворени како што беше најавено.

„Конечен одговор на барањето на СОНК за зголемување на платите во образованието од јануари, МОН ќе одговори утре“, истакнаа од СОНК на нивната Фејсбук страница.

„За зголемување на платите , од 01.01.2020 година, им се потребни уште неколку денови на министерот и на МОН. За да конечно се обезбедат сретства кои што ќе ги задоволат нашите барања“, соопшти претседателот на СОНК, Неделков.

На средбата присуствуваше и министерот Арбр Адеми, кој истакна дека МОН и СОНК имаат одлична комуникација и најави дека се разгледува опцијата за зголемување на платата наместо од април да биде од јануари.

„ Во повеќе наврати на седница на влада сме дискутирале за покачување на платите, пред извесно време помина информацијата за покачување за 10% сега за тоа не дискутираме“, изјави Министерот за образование Арбер Адеми.

Покрај приоритетното барање за зголемување на платите на просветните работници, СОНК бара исплата на прекувремена работа, на патни трошоци како и вметнување регрес за годишен одмор во колективниот договор.

Адеми го покани членството на СОНК утре во МОН на, како што рече, последна рунда пријателски и конструктивни преговори. СОНК и Владата досега одржаа три состаноци на кои се преговараше за зголемување на платите во образованието.