СОНК не сака наставници да губат работа – за ученици да работат
Дуалното образование се гледа како еден од начините да се запре процесот на млади кои бегаат, односно имаат мал интерес да се запишуваат во средните стручни училишта. Претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров,подвлекува дека младите најчесто сакаат да се вработуваат во јавниот сектор и затоа одбираат општествени науки. Дуалното образование може да биде од помош, но нема гаранции дека проблемот целосно ќе се реши. Недостиг од кадар има во целата преработувачка индустрија, во кожарството, во текстилната и индустријата за преработка на зеленчук. Фали кадар и во машинската индустрија и хотелиерството. Тоа што надлежните најавија дека треба да се сменат законите за да учениците, додека се во средните стручни училишта, одат на пракса во компаниите и за тоа да добиваат надомест, здравствено и пензиско осигурување, мора да се случи, оти во законите сега не постои таква можност.
„На почетокот од дуалното образование, бидејќи се работеше за пилот-проект, компаниите имаа проблем со плаќањето на надоместок на деца бидејќи кај нас во законите не постои други вид надомест освен плата, каде се платени придонесите и здравственото осигурување. Сега, во законите треба да се стават одредби во кои тој надоместот нема да се третира како плата, туку како одреден надомест за време на пракса. Давачките за надомест мораат да се разликуваат од давачките за плата, да има одредени попусти за да можат работодавачите да бидат заинтересирани. Не се работи за класично вработување на децата и тоа никаде во свет нема третман на работен однос. На децата треба да им бидат обезбедени привилегии, храна и превоз. Така што, Законот за работни односи, Законот за пензиско осигурување и Законот за здравствено осигурување треба да се изменат, за да се воведе оваа можноста за плаќање на одреден надомест за учениците додека одат на пракса, а се образуваат во средно стручно образование. И во државите каде што се применува дуалното образование децата за праксата се наградени од компаниите. Ако некоја компанија дава поголем надомест, сигурно ќе привлече повеќе ученици таму да одат на пракса. Меѓутоа, не можеме само со дуално образование да го решиме проблемот на иселување на младите. Тоа е комплексен проблем кој зависи од повеќе фактори и од економски причини. Младите си заминуваат и поради невладеење на правото, големата партизација на општеството, така што причините се многу подлабоки, но овој концепт е еден од начините да се ублажи тој процес“, рече Димитров.
Дуалното образование нема да го реши проблемот што во средните стручни училишта каде интересот за упис е мал, а од друга страна компаниите се соочуваат со проблем да најдат квалификувана работна сила. Директорот на ЕМУЦ „8 Септември“, Кенан Асани, вели дека компаниите во соработка со државата треба да даваат стипендии на ученици кои ќе се запишат во стручно образование, особено на насоки кои се дефицитарни на пазарот.
„Повеќето од компаниите не сакаат да слушнат да стипендираат ученици. Не се потребни само гимназијалци на пазарот во државава. Сметам дека компаниите треба да даваат стипендии во соработка со државата, за да се запишуваат децата во средно стручно образование. Малку фирми пројавија интерес да стипендираат ученици. Со дуалното образование нема да настанат проблеми туку напротив бенефит ќе имаат и компаниите и учениците. И тоа како е важно да имаат неколку дена теоретска настава, а неколку практична настава во компаниите. Меѓутоа, во земјава се отвораат компании, собираат профит, а може за 10 години да се затворат, така што младите што биле обучувани и квалификувани за таа дејност можат да останат без работа“, вели Асани.
Сепак, веќе има компании кои обучуваат кадри и се надеваат дека сегашните ученици ќе бидат нивни работници.
„Ние оваа учебна година имавме во компанијата осум ученици од прва година од средното електромашинско училиште во Охрид кои беа вклучени во дуално образование. Првата година за нив беше едукативна, а веќе следната недела почнуваат да доаѓаат на тринеделна обука и практична работа кај нас во компанијата. Тоа ќе биде платен труд. Се надеваме дека по завршување на стручното училиште ќе бидат идни вработени кај нас“, рече директорот на компанијата „Костал“, Виктор Мизо.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, посочува дека со најавените реформи во средното стручно образование со кои се фаворизира практичната настава ќе настане хаос во образованието. Стравуваат дека наставници ќе останат без работа.
„Најавуваните реформи во образованието СОНК никогаш нема да ги прифати. Долгонајавуваните реформи во средното стручно образование форсирајќи ја практичната настава на сметка на теоретските предмети и часови би предизвикало вистински хаос во средното образование. СОНК бара преку социјален дијалог да се надмине ваквата ситуација поради претставката дека многу наставници ќе останат без работа“, вели Неделков.
Вероника Мароска-Леова
Фото: Б. Грданоски