СОНК договори 12 отсто зголемување од јули, учебната година продолжува во среда
Во текот на утрешниот ден СОНК ќе има консултации со членството, со цел штрајкот да заврши, и децата да се вратат во училишните клупи

По денешниот попладневен состанок на претставници од СОНК и Владата, договорено е зголемување на платите од јули за 12 отсто, ниту она што го нудеше Владата 10 отсто, ниту она што го бараа просветарите 18,4 отсто.
„Се усогласивме со ставовите во рамките на можностите на државата и она што може да се издвои за детска заштита и образование, да почне од јули со завршување на ребаланс на Буџетот, се усогласивме за зголемување од 12 проценти.
Договоривме и изработка на Колективни договори за детска заштита во основно и средно образование, како патните трпшоци и регресот. Но, тоа останува за наредниот период“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Во текот на утрешниот ден ќе има консултации со членството, со цел штрајкот да заврши, и децата да се вратат во училишните клупи.
Наставниците, по завршување на штрајкот, кога и да биде, ќе се заложат да ја поминат целата предвидена материја.
До утре навечер ќе се знае ставот на членството и Советот на СОНК ќе донесе одлука, а учебната година ќе може да продолжи од среда.
Дали учебната година ќе продолжи неколку дена, дополнително ќе се разговара со Министерството за образование.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека 3,5 часа разговарале со претставниците на СОНК и се надева дека од среда децата ќе се вратат во градинките и во училиштата, а родителите ќе можат да продолжат на работа.
И министерот за образование Јетон Шаќири изрази задоволство од постигнатиот договор, а за сите детали околу учебната година ќе се знаат следните денови.
Овој процент, убедени се министрите, нема да предизвика инфлација, туку со ребалансот на Буџетот ќе се најдат пари за платите на наставниците и воспитувачите.
Штрајкот на СОНК почна минатиот понделеник, а децата веќе трета недела не посетуваат настава.