Сондата „Џус“ ги испрати првите фотографии од вселената


Не ја гледаме планетата Земја секој ден од вселената, така што фотографиите направени од камерите на вселенските летала се секогаш прилично спектакуларни.

Неодамна лансираната сонда „Џус“ испрати неколку одлични фотографии од Земјата веднаш откако тргна на своето осумгодишно патување кон Јупитер.

Првите фотографии се направени набрзо по лансирањето на 14 април, а станува збор за мисијата наречена Јупитер – истражување на ледените месечини, предводена од Европската вселенска агенција (ЕСА). Леталото беше лансирано со помош на ракета „Аријане 5“ од Европското вселенско пристаниште во Француска Гвајана.

Една од првите фотографии го покажува моментот кога соларната низа на вселенското летало се отвора во темниот вселенски простор. Сите фотографии се лесно обработени за да бидат попривлечни за гледање, а создадени се за тестирање на камерите на сондата, кои фотографираат со резолуција од 1.024 x 1.024 пиксели. Овие камери се специјално опремени за снимање на различните фази од развојот на оваа историска мисија и ќе бидат оперативни за време на прелетувања на Месечината, Земјата и Венера.

Додека едната камера е поставена на предната страна на леталото, другата е на горната страна и во наредните денови ќе го снима откривањето на радарската антена на сондата што се користи за истражување на ледените месечини. Оваа антена е долга 16 метри. Патем, овие радарски антени се дизајнирани да навлезат и да истражуваат што се крие под ледената површина на Месечината. Што се однесува до гореспоменатите камери, тие се користат само за следење, додека пософистицираните научни камери се дизајнирани да прават фотографии со висока резолуција и ќе се користат за фотографирање на Јупитер и неговите месечини во 2031 година.

Целта на мисијата „Џус“ е да ги истражи и проучува трите месечини на Јупитер – Европа, Ганимед и Калисто.

„Џус“ ќе ја следи сложената магнетна, радијациска и плазматска средина на Јупитер и неговата интеракција со месечините, проучувајќи го системот на Јупитер како архетип за гасни гигантски системи низ универзумот“, соопшти ЕСА.