Сомнителни вработувања во АНБ или одмазда на избришаните од УБК
Формирана со консензус меѓу власта и опозицијата, новата Агенција за национална безбедност за неполн месец се соочува со првата криза во функционирањето, како резултат на т.н. ветинг во УБК, односно процесот на преземање кадри од безбедносната служба која беше идентификувана како главен извор на политичките кризи во земјава. Аферата со масовното прислушување ѝ пресуди на УБК, која престана со работа на 1 септември годинава, а префрлањето на дел од разузнавачите во АНБ предизвика лавина на реакции. Со тоа од старт е доведена во прашање довербата во АНБ, иако познавачи на состојбите велат дека вакви превирања се очекувани, односно дека можело да се претпостави оти досегашните разузнавачи кои нема да ги поминат безбедносните проверки, односно т.н. ветинг, ќе се обидат да го возвратат ударот со подземни игри.
Бројката на вработени во досегашната УБК, а со тоа и на вработени кои преминале во АНБ, се води како класифицирана информација, иако во медиумите се појавија шпекулации дека половина од досегашните разузнавачи не ги исполнувале новите критериуми или, пак, не ги поминале безбедносните проверки. Оние што не ги исполнуваат критериумите, како што е предвидено со преодните одредби од Законот за АНБ (која е во надлежност на Владата), ќе останат да работата во МВР тие, пак, што не ги поминале безбедносните проверки – ќе бидат трансферирани во други институции.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера единствено потврди дека е утврден безбедносен ризик за околу 50 вработени во поранешната УБК. Тие, како што објасни, ќе мора да го напуштат МВР и би биле распределени во други државни институции. Спасовски рече и дека вработените во УБК кои не аплицирале за новата АНБ остануваат во МВР.
– Се подготвува нова систематизација, за тие да добијат решенија во МВР. Тоа не важи за оние за кои има утврдено безбедносен ризик и кои ќе мора да го напуштат МВР и да бидат префрлени во други институции од кои ќе бидат прифатени – истакна Спасовски.
Според неофицијални информации, најголем е процентот на оние што не ги поминале безбедносните проверки поради кривични пријави што биле поднесувани против нив. Исто така, стотина од вработените во досегашната УБК воопшто не аплицирале за преминување во новата АНБ. Дел од нив поради тоа што не ги исполнуваат условите или се пред заминување во пензија, како што се посочува случајот со Ѓоко Лазаревски, еден од „свиркачите“ што ги открија „бомбите“. Другиот „свиркач“ Ѕвонко Костовски, пак, аплицирал и е примен во АНБ. Од друга страна, нема информации дали во новата АНБ преминал последниот директор на УБК, Горан Николовски, за кого Владата на 3 септември констатираше дека му престанува функцијата.
Според непотврдени информации, повеќето од оние што не аплицирале, всушност, стравувале дека нема да го поминат ветингот и свесно ги избегнале безбедносните проверки. Тие сега ќе останат да работат во МВР, каде што, исто така, почнува ветинг за вработените. Министерот Спасовски пред извесно време оцени дека ветинг во МВР е повеќе од потребен. Тој посочи дека постојат сериозни индиции дека некои од полицајците, командирите и началниците имаат повеќекратно зголемен имот, како што немаат луѓе кои и по 20 години имаат бизниси во земјава. Спасовски нагласи и дека ветингот е неопходен поради повеќе од 50 случаи на фалсификувани дипломи на полициски службеници, од кои некои и на раководни позиции, како и поради бројката на сторители на кривични дела во МВР.
Потврда дека нешто навистина чкрипи во и околу АНБ е одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да се повлече од набљудувањето на процесот на селекција на кадри, кој се одвиваше на ниво на пратенички групи. Опозицискиот пратеник Трајчо Димков, кој беше избран во Комисијата за селекција на кадри од УБК во АНБ, која е формирана со одлука на Владата, вчера достави оставка до премиерот Зоран Заев. Во образложението на оставката тој тврди дека изборот на кадри во АНБ бил компромитиран од самиот почеток и повеќе се базирал на субјективни, па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми.
– Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ – посочува Димков.
Тој наведува неколку аргументи како поткрепа на ваквите оценки. Вели дека не се реализирал тестот за интегритет, ниту се постапило согласно со информацијата на Антикоруциската комисија во однос на судир на интереси при вработувањето. Од неразјаснети причини, според Димков, не се реализирало ниту предвиденото полиграфско тестирање.
– Клучен момент при селекцијата беше и оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тука беа спорни и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување. Од тоа произлезе субјективноста при оценувањето која сериозно влијаеше на изборот на кандидати. За сите овие пропусти навремено реагирав во текот на процесот на селекција – оценува Димков.
Тој вели дека, во моментов, со ваквиот начин на работа се креира нова институција во која уште од самиот старт довербата е дискутабилна. Затоа смета дека е неопходно да се ревидира процесот на селекција на кандидатите и да се формира нова Комисија за селекција бидејќи постојната, според него, веќе го загубила кредибилитетот.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е претставник на парламентарното мнозинство во Комисијата за селекција на кадри, засега ги одмолчува превирањата околу АНБ. И директорот на АНБ, Виктор Димовски, не се огласува во врска со шпекулациите дека дел од нововработените во оваа институција се со кривични пријави, двојни државјанства, блиски врски со старите структури и дека е мала бројката на вработени од албанска националност… Димовски најави дека за селекцијата на кадри од УБК прво ќе реферира пред собраниската Комисија за надзор над УБК и Агенцијата за разузнавање. Седницата на оваа надзорна комисија, со која претседава Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, е закажана за денеска, а на дневен ред е и точка за кадровски промени во Агенцијата за разузнавање, за што треба да информира новиот директор Еролд Муслиу. Можно е седницата да биде затворена за јавност поради доверливоста на материјалите.
Цели семејства работеле во УБК
Пред почетокот на селекцијата на кадри од УБК, од новата АНБ се обратиле за мислење и до Антикорупциската комисија, за која, пак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, наведе дека излегла со препораки што не биле испочитувани од Комисијата за селекција, каде што тој вчера поднесе оставка.
Претседателската на ДКСК, Билјана Ивановска, вели дека од АНБ постапиле соодветно со тоа што уште пред да почне селекцијата на кадри од УБК доставиле информации и побарале мислење од Антикорупциската комисија за тоа дали има судири на интереси.
– ДКСК испрати мислење и препораки до АНБ, со цел да се превенираат евентуални судири на интереси. Но немаме информации како е постапувано по тоа мислење во текот на селекцијата на кадри – вели Ивановска. Таа посочи дека се барало мислење од ДКСК и поради тоа што било нотирано дека имало многу семејни врски во УБК, па дури и биле вработувани цели семејства. Препораката на ДКСК била во насока на тоа дека при ангажирањето на кадри во новата АНБ мора да се избегнат блиски релации меѓу вработените и да спречи непотизам и конфликт на интереси.
Александра М. Митевска