Сомалија зафатена од најтешката суша во последните четири децении


Рогот на Африка е погоден од најтешката суша во последните четири децении, откако е зафатен од три последователни сезони без дождови. Над четири милиони Сомалијци тешко ќе дојдат до храна ако не заврне во април, предупредува Светската програма за храна на ОН.

Поради сушата, десетина илјади луѓе од фармите во јужниот дел на Сомалија, каде повеќе од две години нема паднато капка дожд, бараат помош во поголемите градови.

Глобалните временски шеми покажуваат дека и оваа година нема да има дожд, објави мрежата на системот за рано предупредување за глад (FEWS Net), предупредувајќи дека регионот може да ја доживее најтешката суша досега.

Доколку и годинава нема дожд, 1,4 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат акутно ненахранети до крајот на годината, изјави портпаролот на Светската програма за храна.

Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени, на почетокот на овој месец, предупреди дека  топлотните шокови, сушите и екстремните врнежи ќе станат се почести во наредните децении, паралелно со растот на температурите.